Топ тема: Реакции после обраќањето на претседателот Ѓорѓе Иванов

Точка

23/06/2016

14:42

5.253

Големина на фонт

а а а

После обраќањето кон јавноста на претседателот Иванов, реакции пристигнаа од повеќе страни, при што повеќето потенцираат дека "Иванов би требало да си поднесе оставка", како и тоа дека "последното јавно обраќање на претседателот претставува најголем срам во досегашниве 25 години независност на Република Македонија".

Според професорот Ѓорги Спасов, претставувајќи се себе си во улогата на некаков "спасител", претседателот Ѓорѓе Иванов испраќа пораки со коишто го охрабрува Уставниот суд да го укине СЈО, но навестува и други рестрикции.


„Очигледно навреден до болка поради тоа што никој за ништо не го прашува, тој се обидува причината за својата немоќ да ја префрли, пред се, врз лидерите на СДСМ и на ДУИ, кои 'наместо да се консултирале со него, оделе на консулатации во странски амбасади, не ги признавале институциите и повикувале на бојкот и безредие'. За разлика од Груевски кој се закани дека 'народот ќе го изгубел трпението', се чини дека Иванов го изгубил трпението кога рече: 'На лидерите (Заев и Ахмети) кои не ја признаваат институцијата претседател им порачувам дека се должни да не ги загрозуваат независноста и суверенитетот на Македонија, со доведување во потчинетост и зависност на земјата кон други држави, центри на моќ или недржавни актери'. И додаде заканувачки: 'Не смее да се дозволи целата држава и народот да биде заложник на карактерите, егото и личната омраза на овие недоговорни политичари. За такви не треба да има место на политичката сцена'. Со оваа опомена, Иванов всушност му јавува на народот дека тие тоа го загрозуваат, отворено ги обвинува или сомничи за велепредавство и навестува забрана за нивно делување“, констатира Спасов, пренесува Дојче Веле.

„Имаме работа со човек кој својот неоснован страв може да го издигне на ниво на политика и на многу штетни одлуки за земјата. Со вакви изјави, тој веќе станува нов дестабилизирачки фактор во земјата и реална закана за мирот. Излегувањето од контрола на врховниот командант на Армијата до оваа мера, мора да се смета за сериозна опасност за земјата“, предупредува Ѓорги Спасов.

Аналитичарите забележуваат и многу контрадикции во говорот на Иванов. Тој најпрво потенцира дека спречил некакви „туѓи игри“ и дека е вратена првобитната состојба - повторно има функционални институции, има политичка влада што може да носи одлуки, Собранието работи и носи закони, а безбедносните служби се под една команда. Но, веднаш потоа предупреди и дека во земјата се води специјална војна, дека има циркус во Собранието, театар на улиците, непризнавање и бојкот на институциите, пишува Дојче Веле.

СДСМ со јасна порака: Иванов треба да си поднесе оставка


Ѓорѓе Иванов, со своето обраќање, потврди дека не само што е неспособен туку е непресметлив и опасен додека ја врши функцијата Претседател на државата, смета опозициската СДСМ и бара оставка од Претседателот.

„Во состојба на длабока политичка криза, кога улиците се преплавени со луѓе кои бараат правда и слобода преку достоинствени протести, Иванов се закани со можност за употреба на Армијата и нов државен удар против граѓаните и Македонија. Во сопствениот хаос во којшто се наоѓа Иванов, срамната и незаконска одлука за аболиција што ја донесе а потоа самиот ја повлече, повторно неуспешно се обиде да ја оправда. Додека Иванов говори за терористички организации и странски центри на моќ свесно ја занемарува постоечката опасност на Македонија на која што и слугува, а тоа е криминалната структура на власт“, велат од СДСМ.

Единствената правилна одлука што во неговиот тажен, катастрофален мандат може да ја направи Иванов е да поднесе оставка и да замине од функцијата што ја девалвираше до максимум и ја доведе до апсурд, сметаат од партијата.

ДУИ со своја порака: Иванов има две опции – да си оди или да си замине!


„Нелегитимниот и еднопартиски претседател со секое свое појавување или дејствување само ѝ штети на Македонија и на нејзиниот имиџ пред меѓународната заедница и затоа тој треба час поскоро да избере една од двете опции што ги има на располагање: да си оди или да си замине!“, изјавил пратеникот Артан Груби од ДУИ за „Мета“, како реакција на вечерашното обраќање на Ѓорге Иванов, во кое тој за кризата во земјата ги обвини опозицијата, ДУИ, СЈО, НВО и странските посредници.

Според Груби, со денешната изјава претседателот Иванов покажал дека ги брани интересите само на ВМРО-ДПМНЕ, а не на граѓаните.

„Неговата последна изјава ги потврдува нашите аргументи дека Иванов го брани интересите на само на партијата на која ѝ припаѓа и дека не го претставува интересите на сите граѓани, а најмалку на втората мнозинска заедница, Албанците. Лидерот Ахмети и ДУИ ја вратија Македонија од бездната и затоа Иванов, но и лидерите на македонските партии треба да бидат благодарни што не дозволивме земјата да стане заложник на нивните незрели конфронтирања за власт“, вели Груби.

Единствен ризик кој ѝ се заканува на Македонија, според Груби, се политичарите кои целат единствено само кон власта, а не и кон државата, без да избираат начини и сретства.

Демократски сојуз исто така бара оставка на Иванов


„Демократскиот сојуз смета дека последното јавно обраќање на Ѓорге Иванов претставува најголем срам кој во досегашните 25 години независност на Република Македонија, ѝ е нанесен на функцијата – Претседател на државата. На својот вчерашен настап, Иванов се претстави како портпарол на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, во целост застанувајќи зад позициите на Груевски и на неговата медиумско – пропагандна машинерија. Со тоа тој дефинитивно излезе од рамките на својата функција, која подразбира шефот на државата да биде претседател на сите граѓани.

Според Демократскиот сојуз, вчерашното јавно обраќање на Иванов беше обична пропаганда во функција на омаловажување на масовните граѓански протести и високиот рејтинг и поддршка која ја има Специјалното јавно обвинителство. Човекот кој треба да ја претставува државата, си дозволи да биде заштитник на криминалот и тешките злоупотреби на власта, кои се индицирани во снимените аудио разговори. Користејќи класична замена на тези, Иванов го постави прашањето – зошто предметите на СЈО се однесуваат само на власта, а не на опозицијата, со што под сериозно сомневање го постави и сопствениот здрав разум и нормално расудување.

Човекот кој со прогласувањето аболиција е главната причина за ескалација на политичката криза во Македонија последниве два месеци, со провиден спин се обиде да се амнестира од сопствената одговорност, повикувајќи се на целосно лажни и измислени ситуации, како што е загрозеноста на државата од терористички напади, евентуалната употреба на армијата и сериозноста на разузнавачките податоци кои наводно стигнувале до него.

Демократскиот сојуз е посебно загрижен од обидите на Иванов да сее страв кај граѓаните со лажните тези за некаква специјална војна против Македонија, која наводно се води од странски центри кои имаат за цел да ја потчинат државата. Државата и нејзините институции се потчинети, ама не од странски служби, туку од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, што педантно е констатирано во минатогодишниот извештај на Прибе, што за Иванов нема никакво значење.

Демократскиот сојуз е скандализиран од ниското ниво на политички капацитет кој Ѓорге Иванов го демонстрира во последно време, а неговите настапи наместо кон смирување на тензиите, предизвикуваат уште поголем револт и гнев кај мнозинството граѓани на Република Македонија. Ставањето на позицијата – Претседател на држава во функција на измеќар на владејачката партија, претставува дополнително оправдување на иницијативата на Демократскиот сојуз за уставни измени со кои идните претседатели на држава ќе се избираат во Парламентот и ќе имаат исклучиво протоколарни надлежности.

Оттаму, Демократскиот сојуз смета дека следниот јавен настап на Ѓорге Иванов може да има смисла само доколку претставува негова оставка на функцијата – Претседател на Република Македонија.“

Реакција имаше и од Јани Макрадули


„Лошо прочитан памфлет напишан од штабот на ВМРО-дпмне. Хорхе потврди дека е партиски послушник од најпонизен вид, човек срам за институцијата, срам за професорската фела. За жал слика на општеството кое владее со Мк 10 години. Особено загрижува тезата дека Хорхе, кој во меѓувреме нема ниту Поддршка во Собранието, е спремен, веројатно во недостаток на храна, да ја изнесе војската на улица и примени сила врз опозицијата и активистите од шарената револуција“, забележува Макрадули.

ЛДП: Оставка на Иванов за спречување на ескалација на состојбите во Македонија


„Со своето вчерашно обраќање, Претседателот на државата, господинот Ѓорге Иванов, повторно, како и многупати досега, наместо да ја обедини – ја подели нацијата. Особено загрижува што во својот говор Претседателот зборува за многубројни безбедносни закани кои постојано ја демнат земјата, однадвор и одвнатре, активности на паралелни мрежи, ризик од странски терористички борци, мобилизација на криминални структури. Покрај тоа, Иванов продолжува со заплашувањето дека се соочуваме со туѓа наметната игра што има за цел дестабилизација на Македонија. Наместо да делува преку институциите на системот и во согласност со надлежностите кои ги има како врховен командант, тој продолжи да создава дополнителни тензии, при тоа квалификувајќи ги граѓаните кои се незадоволни од владеењето на режимот како „странски платеници“ кои не и мислат добро на државата!“, вели ЛДП во својата реакција.

„Во еден момент Претседателот дури зборува дека ја разгледувал можност за употреба на АРМ за смирување на внатрешните состојби! Дали е свесен Претседателот дека со таквиот потег дефинитивно ќе ја поделеше и АРМ која е единствената институција која се уште има висока доврба кај граѓаните на Република Македонија. Припадниците на АРМ, и покрај тешката материјална состојба во која се наоѓаат (неисплаќањето на дневниците, ниските плати, партизираноста итн.) успешно одговараат на предизвиците со кои се соочува државата.

Улогата на Претседателот на државата како врховен командант е да ги презема сите неопходни активности со кои ќе обезбеди граѓаните да живеат во чувство на сигурност. Во таа смисла, бараме Иванов да одговори кој „наметнува игра“ за дестабилизација на Македонија и со кое право „влегол во наметната игра“?

Оттука, Либерално демократската партија смета дека е неопходно и го повикува господинот Ѓорге Иванов, под итно да си поднесе оставка на функцијата Претседател на Република Македонија, со што ќе се спречи со неговите непромислени постапки дополнително да ја влошува и онака тензичната состојба во земјата“.


Спонзорирани линкови

Маркетинг