Откако ќе ја напуштат Белата куќа, за новата локација изборот е стеснет на делови од Вашингтон, поточно Калорама.

Според изворите, семејството ќе се пресели во куќа од 760 квадратни метри, со осум спални соби и ист број на бањи. Недвижнината се наоѓа на улицата Белмонт и е дел од ексклузивната населба Калорама. Пазарната вредност е проценета на 6.35 милиони долари.
Новото сосетство е сочинето од низа од објекти во сопствеништво на амбасадори, индустриски магнати, како и поранешни политичари. Сопственикот на куќата, Џо Локхарт, некогаш исто така беше активен во политиката, и тоа на повеќе функции, како секретар за медиуми во времето на претседателот Бил Клинтон и советник на Џон Кери во 2004-та година.

Се шпекулира дека многу агенции се обиделе да најдат совршено место за семејството Обама, но според наведувањата, личниот договор помеѓу Барак Обама и Локхарт, коишто соработувале и во минатото, бил клучен за изборот на оваа куќа во Калорама. А една од причините за преселување токму во тој реон е тоа што куќата е во непосредна близина на сегашната локација кадешто се наоѓа Белата куќа, бидејќи им било важно да ја испочитуваат одлуката на најмладата ќерка Саша да го заврши школувањето онаму кадешто и го започнала во Вашингтон. Семејството ќе си има батлери коишто ќе се грижат за сите нивни потреби во големата и луксузна куќа, а на горниот кат има и канцеларија кадешто Обама ќе може да продолжи да работи на своите мемоари.
Куќата е сместена во мирен крај, опкружена со парк, и обезбедува совршени услови за еден поранешен претседател со семејство. Паркинг просторот е предвиден за десет автомобили, што ќе биде одлично имајќи ги предвид бројните членови на тајните служби коишто се задолжени за безбедноста на секој висок функционер.

Областа Калорама била дом и на многу други поранешни претседатели во минатото – Вудро Вилсон, Френклин Рузвелт, Ворен Хардинг и Херберт Хувер, додека моментално во непосредна близина има дури 28 амбасади. Во близина се наоѓаат недвижнини во сопствеништво на Џозеф Бајден, како и на семејството Клинтон.