ВМРО-ДПМНЕ: Доаѓа време за ревидирање на работењето на МВР со Спасовски

Макфакс

29/03/2016

12:40

1.160

Големина на фонт

а а а

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ смета дека техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и неговите партиски соработници од СДСМ во неговиот партиски кабинет во МВР, како и од него поставените началници во секторите за внатрешни работи (СВР) во внатрешноста, намерно прават хиперпродукција на кривични пријави против членови на ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ со внимание ја следи нивната работа. Секојдневно се анализира нивното постапување и набрзо ќе дојде денот кога нивното работење детално ќе се ревидира. Ревизијата на нивните партиски хајки и незаконско работење кои ги спроведува СДСМ преку МВР ќе бидат темелно евидентирани и ќе имаат соодветна разврска, со лична и конкретна одговорност на сите вклучени“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Велат дека јасна е наредбата од СДСМ до МВР на Оливер Спасовски за хипер-продукција на кривични пријави и прогон за членовите ВМРО-ДПМНЕ, без разлика основаноста, фактите и доказите, по секоја цена да се поднесуваат кривични пријави против државните и локалните членови ВМРО-ДПМНЕ, без оглед на тоа што се работи за монтирани случаи.

„Деталната ревизија на незаконското работење на послушниците на СДСМ ќе биде спроведена во централата на МВР, во секоја полициска станица, во секој град, во секое СВР, во секое одделение на МВР, во секој сектор на МВР, во секоја дирекција и управа на МВР. Ниту една незаконска постапка нема да помине неказнето. Во секој град, во секоја општина и во секоја полициска станица. Партиските кадри на СДСМ ги потсетуваме дека нивното време истекува“, велат од партијата.

Потенцираат дека набрзо МВР ќе добие нов министер со полн легитимитет, а оние кои ја злоупотребиле својата функција ќе одговараат, за нивните партиски хајки од СДСМ, за нивните методи и за нивното партиско самоволие.

„Политичкиот прогон кон сите неистомислениците набрзо ќе заврши, со исход како и секогаш досега во македонската историја. Македонската историја суди и подучува. ВМРО е константа која не може да се заплаши, не може да се демонтира и не може да се искорне. ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе победи и ќе ја состави новата Влада. ВМРО-ДПМНЕ се потпира на довербата на народот. Поддршка и присуство во секое село, во секој град, во секоја улица и во секоја општина“, велат во партиското соопштение.


Спонзорирани линкови

Маркетинг