СДСМ: Со одлуката на Уставен, Груевски го призна изборниот криминал

Макфакс

24/02/2016

16:23

1.525

Големина на фонт

а а а

Со одлуката на Уставниот суд, претседателот да може да помилува затвореници осудени за изборен криминал, од опозициската СДСМ сметаат дека Никола Груевски ја признал вината на најблиските соработници.

„Со одлуката на петте партиски послушници на ВМРО-ДПМНЕ во Уставниот суд, Никола Груевски ја призна вината на своите најблиски соработници за изборните измами. Изборните грабежи и партизираните институции беа главните причини за политичката криза. Дали ваквата одлука на Уставен суд се носи со намера да се заштити Никола Груевски?“, праша Петре Шилегов портпарол на СДСМ.

Тој потсети дека највисоки претставници на партијата на власт се веќе осомничени за злостроничко здружување за изборна измама, што се потврдува со покренатите постапки од Специјалното јавно обвинителство.

„Очигледно дека некој во врвот на ВМРО-ДПМНЕ многу добро знае за што се покренати постапките. Затоа Груевски мора да се изјасни дали тоа е правено по негов налог. Затоа Никола Груевски се плаши од правдата“, заклучи Шилегов.

Тој рече дека јавно предупредуваат дека СДСМ и граѓаните нема да дозволат на ваков начин ниту да се штити изборен криминал, ниту да се превенира нечија намера за повторен изборен грабеж.

„Во Македонија ќе има слободни, фер и демокартски избори, со прочистен избирачки список и реформи за слободни медиуми. Секој што го прекрши законот ќе одговара“, додаде Шилегов.


Спонзорирани линкови

Маркетинг