Исламската држава зазеде важен сириски град и се наоѓа на чекор до клучен автопат

Точка

02/11/2015

09:30

3.372

Големина на фонт

а а а

Џихадистите на ИСИЛ го зазедоа градот Махин во сириската провинција Хомс, по што дојдоа на чекор до клучен автопат кој го поврзува главниот град Дамаск со градовите од северот на државата.

Сириски опозициски извори тврдат дека припадниците на терористичката група Исламска држава вчера навечер го зазеле градот Махин на југозападот на централната сириска провинција Хомс после успешната акција против безбедносните сили кои се под контрола на сирискиот претседател Башар Ал Асад.

Со ова значајно напредување, џихадистите од Исламската држава сега се на само 20 километри од главниот автопат кој го поврзува Дамаск со Хомс, како и со останатите градови на северот од државата.


И покрај тоа што руските воздухопловни сили изведоа огромен број на воздушни напади во последниов месец, се чини дека нема така лесно да бидат сопрени озлогласените терористи од Исламската држава.

Нападот на градот Махин терористите го започнале во саботата на полноќ со два самоубиствени бомбашки напади, а во текот на вчерашниот ден Махин целосно паднал под контрола на Исламската држава.


Опозициски извори пренесуваат дека за време на големите битки помеѓу ИСИЛ и сириската армија биле убиени или ранети најмалку 50 припадници на сириските безбедносни сили. Од ИСИЛ потврдија дека го зазеле градот и нагласија дека Махин има многу важно стратешко значење за нив.