Нова „бомба” на Заев: Со години биле прислушувани новинари, од кои најмногу Никола Младенов

Точка

25/02/2015

15:25

8.008

Големина на фонт

а а а

Четвртата „бомба“ која денес ја објави лидерот на опозициската СДСМ открива дека власта во чекор ги следела и прислушувала новинарите и вршела контрола врз медиумите, односно биле прислушувани над 100 новинари, како и сопственици на медиумите, меѓу кои најмногу бил следен и прислушуван починатиот уредник на „Фокус“, новинарот Никола Младенов.

„Еден од најприслушуваните новинари од страна на УБК бил доајенот на македонското новинарство, уредникот на неделникот Фокус, новинарот Никола Младенов. Од оправдани причини нема да ги објавиме разговорите, а документите од разговорите се предадени на семејството“, изјави Зоран Заев на прес-конференцијата на СДСМ која во моментов се одвива на Бихаќка.

„Овие материјали што ги добивме со назнака од УБК покажува дека професионалните, критички новинари биле посебни следени. Назнаката на анализите за секој новинар поединечно е Управа за безбедност и контраразузнавање. Од 20.000 преслушувани граѓани, предмет на анализа на УБК се и многу новинари. Ова е силен удар, за што после ова денеска веќе никој нема дилема за тоа во каков режим живееме сите овие години“, рече Заев.

„Прислушувани се и провладините новинари и професионалните новинари во Македонија. Овие разговори ја откриваат конекцијата премиер- УБК – медими. Ќе слушнете како Јанкуловска нарачува покривање на настан на МВР дирекно од шефот на кабинетот на Груевски – Мартин Протуѓер“, вели Заев.

Потоа, Заев објави разговор како министерката Јанкуловска и Протуѓер се договараат кои прилози ќе одат на Сител телевизија, но и разговор на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и главниот уредник на Сител Драган Павловиќ – Латас.

„Запрепастувачка, тешка и болна е вистината за механизмите за тоталната контрола на Груевски и братучедите, за лажната реалност за одржување на власт. Сето ова се прави од еден центар, од Управата за безбедност и контраразузнавање која прислушувала повеќе од 100 новинари, и оние од провладините и оние кои критички ја набљудуваат оваа власт. Од разговорите се гледа директната спрега на УБК, на премиерот и на приватните медиуми и МРТ“, рече Заев.


Спонзорирани линкови

Маркетинг