Уличните протести во Фергусон најжестоки до сега

Нетпрес

25/11/2014

14:38

1.273

Големина на фонт

а а а

Шефот на полицијата на областа Сент Луис, Џон Белмар изјави дека сегашните улични протести во Фергусон се "најжестоките досега и дека излегуваат од контрола".

Гневните демонстранти, незадоволни од одлуката на Големата порота да не се покрене обвинение за полицаецот белец Дарен Вилсон, кој во август годинава го застрела младиот црнец Мајкл Браун, прават барикади на улиците на Фергусон, палат продавници и уништуваат автомобили.

Полицијата засега користи гас и солзавец за да го спречи уличното насилство, но првите полициски извештаи од самото место, откриваат дека од толпата демонстранти се пука од огнено оружје.

- Досега имаме регистрирано барем 150 истрели, запалени и уништени се десетина продавници, двојно повеќе се целосно ограбени, а превртени и уништени има неколку полициски возила, вели Белмар, не објаснувајќи ништо за тоа дали од пукотниците има повредени или загинати.

Според шефот на локалната полиција, дури и десет илјади полицајци да се изнесат на улиците, тешко ќе може да се справат со бројната, гневна толпа која е решена да го уништи Фергусон.

- Ова повеќе не се мирни протести, како што беше најавено, туку тешки улични немири што не може да се запрат, рече Џон Белмар.

На 9 август годинава кога полицаецот го уби невооружениот Браун, по кого имаше полициска потера, затоа што претходно со еден свој другар изврши грабеж во една локална продавница, веднаш на улиците на ова мало место кое е едно од предградијата на Сент Луис и во кое живее голема црнечка заедница, имаше демонстрации на граѓаните. Луѓето протестираа против „насилството на полицијата“ но мирните демонстрации и тогаш, набргу се претворија во насилство и вандализам, со палење и уништување на продавници и возила и со грабежи низ локалната трговска мреже.

Шефот на полицијата на областа Сент Луис Белмар тврди дека ова што сега се случува во Фергусон е „полошо од најлошото“ што се случуваше десетина денови во август.

Поголемиот дел од афроамериканската заедница во градот смета дека полицаецот Вилсон треба да биде обвинет за убиство и изведен на судење. Но државниот обвинител на Мисури, Роберт Мекалок вели дека поротата требало да ги оддели фактите од фантазиите, па некои искази на сведоците за тешкиот инцидент се сосема различни од материјалните докази.

Полицијата тврди дека пред фаталниот истрел, имало борење меѓу полицаецот и Браун и дека во еден момент сега убиениот тинејџер го турнал полицаецот во неговото возило и го дофатил паднатиот пиштол. Сведоците, сите локални жители, тврдат дека станува збор за „ладнокрвно убиство“.

Поротата ја сочинуваа сосема случајно избрани 12 лица од Фергусон, од кои деветмина беа белци, а тројца припадници на црнечката заедница.

Семејството на Мајкл Браун изрази вчудоневиденост и несогласување со одлуката на поротата, но претседателот на САД Барак Обама, во обраќањето до јавноста повика на смиреност и побара да се почитува решението на поротниците.



Спонзорирани линкови

Маркетинг