"Еве нож... Ако чевелот се' уште ви е тесен, отсечете си парче од стапалото. Малку ќе боли, но тоа не е важно."
Ако во вашето детство ви ја раскажувале бајката за Пепелашка, најверојатно и не ви е познат овој дел во кој нејзината маќеа бара од нејзините ќерки да направат нешто сосема одвратно само за да се омажат за принцот. Принцот сепак, ја забележал крвавата дамка околу чевелот, со што бил откриен и нивниот пеколен план.

Ако не сте слушнале за суровите верзии на бајките на браќата Грим, верувајте и дека не сте единствени, бидејќи се работи за првиот превод на англиски јазик од оригиналната верзија објавена во 1812-тата година.
Повеќе од 50 оригинални нивни бајки биле исфрлени или драстично изменети, а ова го тврди и професорот Џек Зајпс, кој ги превел оригиналните приказни на познатите германски браќа.

Во првата верзија, Златокосата (Rapunsel), забременила бидејќи се забавувала со принцот во кулата, а ловецот ја однел Снежана во шума за да ја убие по наредба на нејзината родена мајка, а не маќеа. Јованче и Марика пак мајката ги остава во шума, затоа што нема пари за да ги храни.

Кога Јакоб и Вилхелм Грим го објавиле првото издание од нивната збирка на бајки, кои тогаш се нарекувале и "Семејни бајки и бајки за деца" ("Kinder- und Hausmärchen"), не ни сонувале дека овие 86 приказни ќе привлечат толку широка читателска публика.
Втората книга од 70 бајки следела во 1815-тата година, а во текот на следните 40 години биле објавени уште шест изданија, од кои секое претрпело одредени измени.

Некои бајки биле сосема отфрлени, како на пример, бајката во која едно момче му го пресекло вратот на својот помлад брат додека си играле месари и свињи, но и бајката во која мајката им се заканува на своите ќерки дека ќе ги убие, бидејќи немаат што да јадат.
Џек Зајпс, професорот по германска и компаративна книжевност на Универзитетот Минесота, ги превел првите две изданија на бајките на браќата Грим (сите 156 приказни).

Тој вели дека сепак овие бајки ги одразувале социјалните прилики за времето во кое живееле овие браќа. Токму во тој период љубомората помеѓу младите маќеи и поќерките биле особено чести, бидејќи во 18-тиот и 19-тиот век многу жени умирале на самото породување, а татковците често повторно се женеле за значајно помлади жени, по години блиски со нивната најстара ќерка.
Зајпс претпоставува дека браќата Грим ги исфрлиле сите бајки кои би можеле да нанесат повреди на верските чувства на средната класа. Изданието од 1812-тата година и не било наменето за деца и обични читатели. Дури после објавувањето на првите две изданија кои доживеале голем успех, тие одлучиле да објават и пократки изданија, кои би биле прилагодени за детска возраст.

Новиот превод во изданието на "Princeton University Press" на впечатлив начин илустрира како оваа збирка се менувала со текот на времето.