АХВ: Да не се шпекулира со изворот на заразата додека траат анализите

Нетпрес

24/07/2014

12:42

1.025

Големина на фонт

а а а

Да не се создава непотребна паника кај граѓаните и да не се шпекулира кои производи се безбедни, а кои не, додека траат вонредните инспекциски контроли во операторите со храна, апелира Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Веднаш по добивањето на информацијата за евентуалната поврзаност на случаите на листериоза со храна Агенцијата за храна и ветеринарство изврши увид во неколку фирми, кои беа наведени во епидемиолошката анкета, со цел утврдување на фактичката состојба и преземање на сите неопходни мерки. Со цел потврдување или отфрлање на поврзаноста, земени се мостри за лабораториско испитување и извршена е контрола на активностите на фирмите. Со цел сведување на ризикот на минимум, од 21-ви јули, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, Агенцијата спроведе опсежно земање на мостри и од другите производители на храна од животинско потекло (во моментот земени се повеќе од 200 мостри), и спроведе сеопфатни контроли во објектите. Финалните резултати, а не шпекулациите ќе дадат одговор на прашањето кој е изворот на заразата. Причината поради која во првиот круг на контроли се опфатени домашните производители на месни и млечни производи, се заснова на епидемиолошките испитувања спроведени од здравствените власти, при што како потенцијални, но не и дефинитивно потврдени извори се посочени одредени производи од домашно потекло“, се вели во соопштението на Агенцијата.

Оттаму велат дека Агенцијата за храна и ветеринарство секоја година спроведува Мониторинг на безбедност на храна на одредени параметри на репрезентативен број на примероци, при што во 2013-тата година и тековната 2014-та година не се утврдени позитивни наоди на листерија. Мониторинг програмата е одобрена и од страна на Европската Унија.

Исто така, согласно Законот за безбедност на храна, сите оператори со храна се должни сами да воспостават и спроведуваат внатрешни системи на безбедност на храна (HACCP) во рамкитe на кои се спроведува и задолжително лабораториско испитување за евентуалното присуство на одредени микроорганизми, меѓу кои и листериозата.

Задолжителното испитување на листериозата е пропишано во Правилникот за микробиолошките критериуми за храната (Сл. Весник бр. 100/2013), кој е во целост усогласен со Регулативата на ЕУ бр.2073/2005), а инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат редовни контроли кај операторите од аспект на негово спроведување.

„Што се однесува на увозот на храна, согласно Планот за контрола заснован на анализа на ризик, во текот на 2013-тата година Агенцијата има лабораториски испитано над 4.000 примероци за утврдување на микробиолошката исправност на храната и сите се со задоволителен резултат. Листеријата, нормално е составен дел на испитувањето“, велат од Агенцијата.

Агенцијата за храна спровела контроли во операторите со храна и во туристичките места. Направени се 145 контроли во Охрид, Струга и Дојран и тоа во ресторани, хотели и продавници. Запленети се и уништени производи кои се утврдило дека не ги исполуваат условите на безбедност, времено се затворени неколку објекти и се изречени парични казни.

Во последните години, листериоза била пријавена во 23 земји-членки на ЕУ и била петта од најчестите зоонозни инфекции регистрирани во Европа, после Campylobacter, Salmonella, итн. Во 2012-тата година, бројот на пријавени потврдени случаи на листериоза во ЕУ членките бележи покачување за 10,5 отсто во однос на 2011-тата година.


Спонзорирани линкови

Маркетинг