Интервју со Фросина Ангеловска, млада и талентирана модна креаторка која ќе ве воодушеви!

Точка

17/05/2014

10:45

7.584

Големина на фонт

а а а

Модното студио FRAN е место каде ултра модерниот моден дизајн, дополнет со креативен и софистициран make-up, прераснува во комплетен стајлинг, кој редовно остава без воздишки!

Моливчето на младата и талентирана модна креаторка Фросина Ангеловска, создава тренди, но сепак бајковити креации, притоа задржувајќи ја потребната доза на префинетост и оригиналност.

Со Фросина Ангеловска ака Јованка Броз поразговаравме за моменталните трендови и побаравме повеќе совети меѓу кои и како да се направи совршена матурска модна комбинација.


Кој е клучниот момент за да се постигне совршен матурски стајлинг?
● Да се задржи сопствениот идентитет. Матурската вечер е совршена прилика низ стајлингот да ја истакнете најдобрата варијанта од Вас, односно да останете доследни на својот стил... било да е glam, street, rock, classy или било кој друг правец што ве дефинирал низ годините. Тоа секако мора да биде во еден синтезиран, убаво срочен outfit, во согласност со приликата, но никако да се измените до степен на некоја непрепознатлива верзија или пак нечија копија...

Од матурантките со кои досега се сретнавте, што е тоа што најчесто се бара од вас, и дали сте добиле несекојдневни барања или нешто што апсолутно отскокнува од она што најчесто сте навикнати да го слушате од девојките?
● Премногу несекојдневни барања... па... не памтам такви... Но се случило во една матурска сезона, повеќе од 30 девојки да дојдат со истата слика како предлог идеја за матурски фустан… за тоа сме тука ние да интервенираме!


Ќе може ли накусо да ни опишете, кој беше вашиот избор за вашата матурска прослава?
● Мојот матурски избор... хм... беше совршена замисла, со многу лоша изведба. Како дизајнер во зачеток, имав конкретна идеја за тоа како треба да изгледа тој фустан, го препуштив на "стручни лица со реноме" додека јас бев во Италија да го полагам приемниот испит за факултет и кога се вратив (ден пред матурската вечер) бев многу изненадена... и тоа не беше пријатно... Но сепак, никој освен јас не знаеше која била идеjата а кој резултатот, го надминав фактот дека не е тоа што го сакав и се потрудив од тоа што го имам да го извлечам најдоброто... и си поминав фантастично, така да на крај тоа и не беше толку важно... ама си го памтам!

Секоја матурантка сака да го задржи својот одличен изглед до последен момент. Како да опстои шминката со часови без да избледе?
● Доколку се обратите кај професионален шминкер (а тоа е воедно и мојата препорака) ,тој сигурно знае кои препарати се употребуваат за вашата шминка да остане во совршена форма повеке од 24 часа. Доколку тоа не ви е опција, задолжителни се: база за сенка - eyeshadow base (за почеток), пудра во прав за елиминирање на сјајот на кожата и фиксирање на пудрата (меѓуфазно) и спреј фиксатор (за финиш на целиот мејкап).

Настрана од матурските прослави, што е главен моден тренд за престојната летна сезона? Каква шминка и кои модни парчиња би требало да се најдат во нашиот гардеробер?
● Летната сезона, оваа година, како и секоја досега впрочем, ни ги носи свежите весели бои, шарени матерјалчиња, лелеави фустанчиња... За да бидете во тренд, имајте секогаш по едно "акцент" парче во секој аутфит. Нека биде во несекојдневен крој, впечатлива боја (пастелна или неон), клот или со графика (цветна, геометриска) или принт... тоа е сосема доволно.


Постои ли комбинација која е совршен избор за било каква пригода?
● Тоа е многу индивидуално... нема "совршен избор" кој е совршен за секого, но постојат парчиња кои според мене се есенцијални во ормарот на секоја девојка, а од нив можат да се направат бројни комбинации соодветни за било која прилика .Тие би биле: класични црни салонки, пар џинс кој совршено ви стои, тренди палто (сако) со универзален крој и ткаенина, кошулка со уникатен дезен и секако неизоставен дел е стандардниот "Little black dress"...

Кога веќе ќе се избере соодветната модна комбинација и шминка, како да се избере и соодветен акцесоар за комбинацијата да изгледа комплетно совршено?
● Акцесоарот треба да го комплементира целосниот изглед. Доколку аутфитот е поедноставен, без многу детали, убаво би било да се даде акцент со накитот, чевлите, чантата. Доколку самиот аутфит е богат со елементи, акцесоарите би требало да бидат по неутрални.

Што е во тренд оваа сезона, јаки тонови и впечатлива шминка или нежен т.н. "nude" изглед?
● Јас лично не верувам во она што се нарекува "тренд". Тој момент се почитува само на светските модни писти и евентуално помеѓу блогерите кои ги пратат модните случувања. А дали вашиот изглед ќе биде природен или нападен, складен или контрастен зависи од приликата, расположението, комплетниот стајлинг и најбитно карактерот... Јас на пример сум секогаш нападно и впечатливо нашминкана... Бидејки таква сум по природа и со нежна шминка не се чувствувам своја...


Дали се се' уште во тренд вештачките трепки? Има ли реална потреба од таков додаток?
● Вештачките трепки би рекла дека се повеќе потреба отколку тренд. Јас лично сметам дека се еден од најубавите финиш ефекти на секој мејкап, па дури и како опција за брзо разубавување без сенка... Практични се, со прекрасни резултати.

Која подлога за шминка е идеална за да се постигне совршен резултат на крајот?
● Соодветно со типот на кожата треба да се избере и подлогата. Доколку е сува, да се избере по хранлива подлога, за шминката да не делува безживотно или пак кожата да се лупи. Доколку е комбинирана, доволна е подлога со хидратантни својства што бргу впива, а ако кожата е мрсна, најдобро е да ја избегнете подлогата, на тој начин шминката повеќе ке ви трае. Универзална подлога која им ја препорачувам на сите е Gosh foundation primer classic.

Освен квалитетна шминка, за кожата е многу важно таа да се негува. Што е тоа што вие најчесто го давате како совет и кои се најчестите грешки кои ние девојките ги правиме секојдневно?
● Колку што е важно да е квалитетна и добро нанесена шминката, исто толку е важно (ако не и повеќе) истата таа добро да се извади и лицето да се негува соодветно. Спиење со шминка е најголемата грешка што многу голем дел од девојките ја прават. За мене најважно е после долгиот ден поминат со шминка, убаво да си го измијам лицето со face wash (во моментов користам Nivea oxygen power reviving cleansing gel) и да си нанесам крема (по препрака на дерматолог за вашиот тип на кожа).
Втор многу важен момент е секојдневно користење на заштитен фактор. Доколку вашата пудра нема (а треба да има минимум 20 спф), подлогата што ја користите обавезно треба да ја содржи. Вашата кожа ќе ви биде благодарна, а тоа ќе го утврдите за 20 години од сега!


Кое прашање најчесто го слушате?
● Што си во хороскоп? Хахаххахх

А, одговорот е?
● Лав, подзнак стрелец.

За сите кои би сакале да дознаат малку повеќе за вашата работа и креативност, може ли да се опишете барем во неколку реченици?
● Ако за некои креатори важи она "less is more" за мене важи сосема спротивното - "More is more!" Поаѓајќи од моите мегаломански жички, сакам се' да биде "over the top!"... но со вкус. Обожавам складни композиции од разни структури, форми, кроеви... текстури од матерјали, декорации, везови... Сето тоа во избалансирани дози, да се добие нешто што плени со само еден поглед. Сакам луксуз, гламур, софистицираност... со еден збор – РАСКОШ. И нормално сето тоа мора да биде со совршена изведба и крајна прецизност, во спротивно неможам мирно да спијам!

Кои се вашите последни професионални ангажмани?
● Освен изработката на уникатни свечени модели за претстојниот период на матури, апсолвентски, свадби и слично, континуирано работам како одговорна за стајлингот (креација и изведба на униформи, шминка и фризура) на промотивните тимови на "Империал Тобако" за сите нивни брендови на цигари. Униформи со мој потпис имааат и други значајни фирми како "Лотарија на Македонија", "Алтеа", "Хтл Македонија", "Скај Мото" и ред други... Бев ангажирана како мејкап артист на последниот "FWSK", соработувам со речиси сите маркетинг агенции во Скопје за најразлични проекти, ги стилизираме Тајфата, а најново е дека се пронајдов и во улогата на едукатор на курсеви за шминка.


Кога би можеле да очекуваме нешто од брендот ФРАН?
● Од септември па натака...

Кој дел од вашата работа најмногу ве исполнува?
Не би можела да издвојам дел, секој аспект од мојата професија е комплементарен со другите и подеднакво ме исполнува... А тоа што сум паралелно дизајнер, шминкер и професор оди во склад со мојот динамичен каракер и потребата за разновидност... А да... тоа што малкумина го знаат за мене е дека сум и судски преведувач по Италијански јазик.

А кога не работи, што прави Фросина?
● Пак работи! ... или пее (ама така, додека си работи) ... или е некаде во шопинг (професионална деформација) ... или е на ручек (сака разновидна кујна и несекојдневна храна) ... а понекогаш знае да се изрелаксира на добра Хип Хоп вечер...

Дознајте повеќе за Фросина и нејзината работа на нејзината официјална Facebook страница https://www.facebook.com/FRANbyFrosina.































Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk