Како работи микробрановата печка?
Микробрановата печка не произведува топлина дирекно како обична рерна или шпорет. Во неа се создава електромагнетно поле со микробранови кои се насочени кон храната која се загрева. Овие микробранови се абсорбираат од страна на молекулите на водата која се наоѓа во храната и предизвикува нејзино ротирање, што доведува до триење меѓу молекулите при што се создава топлина (како кога во зима ќе ги протриете рацете). Топлината настаната со ротирање на молекулите од водата се пренесува на околните молекули и така ги загрева. Затоа храната која содржи повеќе вода побрзо се загрева во микробрановата, отколку онаа која нема многу вода.
Дали микробрановата е извор на опасно зрачење?
Микробрановата печка топлината ја произведува со зрачење кое е нејонизирачко, а таквото зрачење го имаат и мобилните телефони, радио апаратите, wi-fi, разни електрични уреди ит.н. Микробрановото зрачење е насочено само во внатрешноста на печката и не се емитува надвор од неа. Металот ги одбива електромагнетните зраци и затоа на вратата се наоѓа метална мрежа, со што зраците сигурно ќе бидат насочени во внатрешноста.
Кога храната ќе ја апсорбира енергијата од микробрановата, оваа енергија се претвора во топлинска енергија, што значи дека храната е загреана, а микробрановото зрачење ниту на еден друг начин не се пренесува.
Дали микробрановата ги уништува хранливите материи?
Генерално, колку подолго е времето на греење и температурата е повисока, толку храната повеќе ги губи хранливите материи. Поголем дел од намирниците е подобро да се подгеваат во микробранова, затоа што загревањето е побрзо и пократко. Сепак, ова не важи за сите намирници: на пример зеленчукот губи најмногу витамини кога се готви во вода, а потоа во микробранова, додека најмалку витамини зеленчукот губи ако се приготвува на пареа. Причината е едноставна, не доаѓа до губење на витамините во околната средина. Некоја храна е подобро да се готви на шпорет во отворени садови за да се елиминираат гасовите: зелка, грав, карфиол.
Кога микробрановата е опасна?
Проблемот со зрачењето може да настане кога вратата од микробрановата е отворена или не дихтува добро, со што микробрановите ќе делуваат на водата во нашиот организам исто како врз храната. Новите верзии на микробранови печки автоматски го прекинуваат зрачењето кога вратата од печката ќе се отвори.

Подгревањето во микробранова може да биде опасно во случај кога готвиме храна од нехомоген состав, на пример, супа со месо, компир и моркови, бидејќи сите делови на храната не се загреваат еднакво, па од компирот можеби ќе се изгорите, додека месото останало ладно. Исто така, храната стоплена во микробранова поспоро се лади, затоа што и после вадењето на храната од печката, молекулите по инерција ротираат и произведуваат топлина уште некое време. Затоа се препорачува храната во загреаната печка добро да ја промешате и малку да почекате пред да ја пробате.
Во микробрановата печка најдобро е да ставате само садови од керамика, огноотпорно стакло, порцелан, трмоотпорна пластика. Дури и мала количина на метал, како на пример украсни на чинијата или алуминиумска фолија, микробрановата ја претвора во струја што на долг рок може да ја уништи микробрановата печка – би се генерирала голема количина струја. Кај пластиката која не е наменета за користење во микробранова, може да дојде до миграција на опасни материи од пластиката во храната.
Некои пакувања со пуканки во микробранова содржат перфлуорооктанска киселина која се разградува на висока температура чии продукти од нејзиното разградување се потенцијално канцерогени. За среќа, пуканките освен на вообичаениот начин можете да ги подготвите така што пуканките заедно со путер или масло ќе ги ставите во затворен стаклен или керамички сад. Вклучете ја микробрановата печка на најсилна температура, околу 2-3 минути.