Врзан во вреќа, човекот амфибија преплива 2.5 километри од Охридското езеро

Точка

10/09/2013

19:04

10.303

Големина на фонт

а а а

Педесет и деветгодишниот Јане Петков, попознат како човекот "амфибија", помеѓу своите успеси ќе го запише и својот успешно завршен последен подвиг, пливањето во вреќа во Охридското езеро.

Имено, 59-годишниот Јане Петков успешно го заврши својот невообичаен подвиг, односно за време од 2 часа и 47 минути тој преплива 2 километри и 30 метри, врзан во вреќа и без никакви помагала.


Во водите на Охридското езеро Петков утринава влегол околу 10 часот, кај плажата Горица, а неговата цел била градскиот кеј, каде што тој бил пречекан од група на граѓани и новинарски екипи, пренесува интернет порталот "OhridNews".

Искажувајќи го своето задоволство од постигнатото, Петков се заблагодарил и за беспрекорната организација во која што биле вклучени општинскиот Црвен крст , Клубот за спортови на вода и локалната самоуправа: "Имаше една ладна струја во првиот километар, но потоа беше во ред, немаше проблеми. Доколку водата беше и потопла ќе пливав и повеќе километри".


Од општинскиот Црвен крст информираат дека од самиот старт до целта, Петков пливал со константно темпо од 0,7 километри на час и немало било какви потешкотии и проблеми: "Во текот на пливањето Јане разговараше со нас и не побара интервенција од екипите кои го следеа. Се помина во најдобар ред, се надевам дека Охрид и езерото ќе му бидат и понатаму поттик за соборување рекорди", изјавил Сашо Точков, од општинскиот Црвен крст.


Точков потенцирал дека била вршена постојана евиденција околу настанот, врз која ќе биде подготвена и апликацијата за Гинисовата книга на рекорди.

Подвигот на Петков уште се нарекува и медицински атрактивен подвиг затоа што нивото на хемоглобин во крвта, односно нивото на железо кај него е под нормалната граница. Иако анализите покажале дека Петков боледува од длабока анемија, тој успешно пристигна до целта.



Извор на фотографиите: OhridNews


Спонзорирани линкови

Маркетинг