Судот во Велес ја ослободи од обвинение Павлинка Илоска, којашто во самоодбрана смртно го рани својот невенчан сопруг.
Како што рекол судијката, трошоците за постапката паѓаат на товар на државата, а мерката куќен притвор се укинува.
Во пресудата е наведено дека Илоска била доведена во животно загрижувачка состојба бидејќи во моментот на одбрана била давена и малтретирана од страна на нејзиниот невенчан сопруг.
„Согласно кривичниот законик, нужна е одбраната која е неопходна. Нападот и одбраната се неопходни елементи. Тој ја влечел, клоцал, ја стегнал околу вратот, неспорно се утврди од записникот за увид, по самиот увид на настанот кај обвинетата имало телесни повреди, изразени на главата, ногата и вратот. Натаму, на овој доказ се надоврзува телесниот преглед на обвинетата“, вели судијката.
Неспорно се утврдило дека нападот од покојниот бил вистински и траел, а обвинетата Пале била во животно загрозувачка состојба, потврдил и психијатрискиот наод.
„Правната доктрина дозволува нападнатиот да се брани“, додава судијката.
Постоела несразмерност на физичката градба и конституција меѓу Пале и покојниот полицаец, притоа бил од надмена позиција, се додава во психијатрискиот наод.
„Со исказот на обвинетата и психијатрискиот наод, се утврди дека од тоа што покојниот силно ја стегал за вратот, губела здив, па дејствијата биле насочени кон одбрана од сега покојниот. Судот утврди дека одбраната била сразмерна и пропорционална“, додава судијката.
„Тој ѝ велел дека е ку*ва и недомаќинка. Обвинетата влегла во спалната да спие, тој влегол ја фатил за врат ја влечел, ја мавал со клоци и боксови, ја фатил за вратат и ја давел, ја влечел од кујната, а таа му рекла: „Немој ќе ме убиеш“, тој продолжил и ја гушел, таа го земала ножот кој се наоѓал на кујнската маса“, вели судијката.
Вчера се одржа првото рочиште за овој предмет, се изведоа доказите, а беа дадени и завршни зборови. Иловска рече дека не се чувствува виновна.
Обвинителката, пак, побара од судот да ги земе предвид и олеснителните околности, бидејќи обвинетата е млада, не е осудувана во минатото и повеќе години трпела семејно насилство.
Во одбрана на Илоска веќе застанаа невладини организации и хелсиншкиот комитет кои велат дека обвинетата треба да се товари за полесно кривично дело, направено во самоодбрана, а не убиство на миг кое препишува затворска казна од една до пет години.











