Франција и Шпанија се отворени за користење на руската вакцина против коронавирусот „Спутник 5“ доколку истата одговара на стандардите и биде одобрена од Европската агенција за лекови.
„Спутник 5“ вакцините ќе може да бидат дистрибуирани во Франција доколку „одговараат на научните стандарди и европските барања“, изјави францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ивес Ле Дриан.
„Ако „Спутник 5“ биде одобрен од Европската агенција за лекови, нема причини за блокада на вакцините. Вакцините немаат државјанство. Важно е да имаме вакцина која делува“, изјави францускиот министер.
Шпанската влада исто така е отворена за идејата да се користи руската вакцина против коронавирусот откако ќе биде одобрена од Европската агенција за лекови.

„Оваа влада отворено и со ентузијазам ќе ја дочека секоја вакцина која има одобрување од Европската агенција за лекови. Тоа е единствениот услов“, изјави шпанската министерка за здравство, Каролина Дариас.
И германската канцеларка Ангела Меркел потврди дека постои можност во Германија да се користи руската вакцина, после позитивните резултати околу ефикасноста на вакцината.







