Босанските медиуми тврдат дека во пресрет на изборите во БиХ, амбасадата на Србија била наполнета со разузнавачки агенти и команданти на елитни полициски единици.
Српските власти на дипломатска должност во амбасадата во Босна и Херцеговина кон крајот на септември го испратиле поранешниот разузнавач кој што, според босанските медиуми, бил дел од организаторите кои упаднаа во македонското Собрание и го нападнаа тогашниот лидер на опозицијата, а сегашен премиер – Зоран Заев.
Станува збор за Горан Живаљевиќ, поранешен заменик директор во српската разузнавачка служба „БИА“, а овие информации ги дознаваат новинарите на босански „Журнал“ повикувајќи се на извор близок до разузнавачките агенции на Босна и Херцеговина.
Живаљевиќ во српската амбасада во Сараево пристигнал со уште најмалку десетмина оперативци на „БИА“ кои се во Босна и Херцеговина во пресрет на изборите закажани за 7-ми октомври.

Инаку, за нов амбасадор на Србија во Босна и Херцеговина е именуван Александар Ѓорѓевиќ, поранешен директор исто така на „БИА“ кој што ја вршеше должност во времето на конфликтот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и опозиционерот Зоран Заев во Македонија, пренесува „Журнал“.
Во април 2017-та година, поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ упаднаа во зградата на македонскиот Парламент и физички ги нападнаа пратениците на опозицијата, меѓу кои и лидерот и актуелен премиер Зоран Заев, а за време на упадот, во Собранието се појави и лично Живаљевиќ.
Тој откако беше фатен на безбедносните камери, потврди дека бил во Собранието, но нагласи дека таму бил по службена должност, односно проверувал дали меѓу народот внатре има српски државјани.

Македонската разузнавачка служба инаку го следела Живаљевиќ и биле снимани неговите телефонски разговори, по што било утврдено дека српскиот оперативец активно работел на промовирање на проруската политика во нашата држава и настојувањата да се спречи влезот на Македонија во НАТО.
Откако изби скандалот, Белград го повлече Живаљевиќ од Скопје, а сега тој е ангажиран во Сараево. Како што пренесуваат босанските медиуми, неговата цел е да влијае на изборите и да ја зацврсти власта на Милорад Додик.











