Поранешниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Роџер Стоун, смета дека Трамп би можел да ги повлече САД од НАТО и предвидува колапс на Алијансата.
"Трамп на изборите се кандидираше како неинтервенционист и доследно се спротивставува на војните во Ирак, Авганистан и Сирија, а можеби во својот мандат и ќе се обиде да ги повлече САД од НАТО, бидејќи сојузот повеќе нема легитимна цел. Имаше смисла во моментот по Втората светска војна", рекол Стоун.
Политичкиот консултант и долгогодишен пријател на Трамп, за "Новости" рекол дека смета дека САД би можеле да ја напуштат и Светската трговска организација, но не и ОН.

Стоун зборувал и за состанокот меѓу Трамп и Путин во Хелсинки, велејќи дека се надева дека претседателите разговарале за тоа како да се носат со исламскиот тероризам.
"Мислам дека денес на светската сцена помала закана доаѓа од Русија, а поголема од Кина, и дека во некои области имаме заеднички интереси со Русите. На пример, во областа на борбата против исламскиот тероризам", рекол Стоун.








