Премиерот на Канада, Џастин Трудо го пофали новиот договор за слободна трговија помеѓу САД, Канада и Мексико, кој претставува ново издание на НАФТА договорот.
„Ова е договор кој ќе биде исклучително плоден за нашата економија, канадските семејства и средната класа“, изјави Трудо на прес-конференција неколку часа по постигнувањето на договорот.
По интензивни преговори, САД и Канада доцна синоќа постигнаа согласност со која се овозможува новиот трилатерален пакт во кој влегува и Мексико, да го замени Договорот за слободна трговија – НАФТА, стар речиси четвртина век. Договорот ќе биде потпишан во наредните 60 дена од страна на претседателот на САД Доналд Трамп и првите луѓе на Канада и Мексико. Се очекува договорот да овозможи зголемен пристап на САД до пазарот со млечни производи во Канада, што за возврат ќе ги заштити Канаѓаните од евентуални тарифирања во автомобилската трговија.







