Во ист ден стана мајка и објави видео спот: Сара Мејс со ексклузивно интервју за Точка!

Точка

11/09/2018

13:30

6.282

Големина на фонт

а а а

Сара Мејс е една од малкуте естрадни уметници кои под ниеден услов не престануваат со пријатни изненадувања. Таа неуморно работеше за време на бременоста, а вчера, неколку часа по објавувањето на видео спотот, Сара стана мајка.

И покрај набиената агенда, Сара нѐ удостои со кратко интервју, ексклузивно за читателите на Точка.

Во интервјуто подолу, можете да го погледнете и споменатиот видео спот, за синглот Црна капина, од албумот „Floating through space with Sarah Mace“.

Како ти започнува денот во последниве 9 месеци?

- Зависи во кој период од последниве 9 месеци :) Пред точно 9 месеци пред да дознаам дека сум трудна не бев симната од борд на Копаоник. Од кога дознав само шетав по планини дури траеше зимскиот одмор....Потоа одев на работа, свирев, пеев, функционирав најнормално.... Летово имав повеќе време за себе, па си допуштав да се размазувам, да уживам, да го почнувам денот полека и бавно, со цеден сок, кафе и вежби за растегнување, шетам куче итн... :)


Што е она што најмногу те одмора и релаксира?

- Перница за трудници :) :) :)

Сара, ти си трудница во 9-тиот месец и во исто време си успешен музичар, кој работи со полна пареа. Издаде албум, а сега полека но сигурно издаваш спотови за секој сингл од него. Како постигнуваш, која е твојата тајна за сигурен успех?

Љубов и само љубов. Можеби ќе звучи како клише, но отсекогаш знаев дека музиката е мојата најголема страст, пасија и водилка во животот. Не е тешко кога природно ти доаѓа. Едноставно посакуваш и сакаш силно и постојано правиш сѐ за тоа што го сакаш....


Од каде ја црпиш инспирацијата за творење нова музика?

- Најчесто од позитивно лудило :) Кога нешто ме продлабочува, само се претопува во музика...

Покрај стилот на облекување, шминката, размислувањето.. уникатна си и во стилот на музика кој им го нудиш на твоите обожаватели. Колку е тешко да се справиш со предрасудите на оние кои не ја разбираат твојата „нота“?

- Не е тешко воопшто. Секогаш има и е убаво да има луѓе што те сакаат/слушаат и луѓе што не го прават тоа. Тоа е сосема ОК и така треба да биде. Јас творам за оние на кои им се допаѓа мојата музика. За другите не можам да направам ништо, дури и да сакам, а не сакам... :) Зошто и мене некои работи ми се допаѓаат, а други не.


На пример, не ми се допаѓаат „увезените странски инвестиции“ GMO high level (оние на кои им се дава највеќе медиумски простор кај нас), не ми се допаѓаат луѓе со извежбани ИСТИ физиономии, не ми се допаѓаат „растафаријанци“ што го срамат потеклото на тој правец, лајфстајл, култура, тотем.... Жал ми е за децава кога гледам како ги лажат.... Пуст Боб Марли, се превртува во гроб....Само пример велам... И класичната музика не е тоа што беше, да чуе Моцарт како колеме мачки денес, ќе стане од гроб мислам....Ама тоа е... Кога човек ќе се научи на лесно, оди па натерај го да слуша нешто што трае 5 минути на пример... Порано се седело во сала и 10 саати да се слуша музика, сега луѓето немаат концентрација да останат до втор чин...

Дали можеш да издвоиш некоја песна која ти е особено драга и зошто?

- Црна Капина. Создадена од повеќе чисти енергии, претставува „откачена вожња“, која пулсира во тебе цело време, па дури и кога ќе заврши го чувствуваш по телото тоа 6/8 движење... И те тера да ја пуштиш пак и пак... :) Барем јас ја доживувам така....

Кажи ни нешто повеќе за „Piano Forte Music School“.

- Тоа е музичко училиште со многу супер професори и програма која нуди образование за најмали и најголеми. :) Има класичен оддел, а од минатата година беспрекорно функционира и новиот оддел – популарни жанрови - каде што предавам пеење. Имам прекрасни деца пејачи и супер разбирање со другите професори во овој оддел. Со таква енергија лани успеавме да направиме детски бендови, да имаме проби и оствариме околу 7-8 концерти, а оваа година иако речиси уште не започнала ние веќе имавме 2 настапи и тоа Back to school во Capitol Mall и После Часови во Forza. :)


За тоа дека сакаш деца, можеме да заклучиме од твоите проекти со Поточиња, а исто така и, како што споменавме, твоето музичко училиште „Piano Forte“. Но, колку си навистина подготвена за новото поглавје во животот, улога на мајка?

- Ќе видиме на дело, да не зборувам пред рака :)


Снимаше спот за песната Црна капина, од албумот „Floating through space with Sarah Mace“. Би сакале да ни кажеш нешто повеќе за тоа.

- Видеото претставува модерен пристап на едноставна анимација на урбани елементи и одредени традиционални симболи (следејќи го текстот на песната), дел од нив цртежи нацртани од Дарко Петковски, збогатени и дополнети со живописни нијанси и скеч техника. Потпишана зад негoвата реализација од А до Ш стои Љупка Андоновска.


Кој беше одговорен за твојот фантастичен труднички изглед?

 - Fran & Hairhouse, како и секогаш.


Колку е различно снимањето како трудница, од претходните снимања?

- Лесно беше, зошто претставуваше кратко фотографирање, а и јас бев во некоја средна фаза од бременоста каде сѐ ми одеше лесно и нормално.


Ти си една од ретките музичари кои не се повлекуваат од сцената кога планираат да оформат семејство. Што да очекуваме ново од Сара понатаму, со оглед на тоа дека е позната по својата уникатност, хиперактивност и неуморност?

- Ух...Рано е да се каже...Можеби бебе ќе ме инспирира па ќе Ви кажам со песна :)


За крај, кој совет за музика би им го дала на читателите на Точка?

- Дозволете ѝ да ја почувствувате со сите сетила....Тогаш е вистинско.....

Автор: Цеце Николова

Фотографии: Приватна архива



Спонзорирани линкови

Маркетинг