Светски познатиот диџеј Алан Вокер го снимил својот последен спот за песната "Darkside" на територијата на Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Во спотот кој е прегледан повеќе од осум милиони пати за само четири дена, можат да се забележат споменикот за Битката кај Сутјеска во Тјентиште (Босна и Херцеговина), како и споменикот на револуцијата на народот од Мославина во Подградиќ, Хрватска.
Монументалната бетонска скулптура во Тјентиште е изградена од страна на скулпторот Миодраг Живковиќ. Овој споменик е единствениот дел од меморијалниот комплекс кој ја преживеал војната во Босна и Херцеговина, и тоа затоа што во текот на рушењето недостасувал експлозив за да се крене во воздух.

Споменикот се состои од две симетрично поставени бетонски крила, високи 19 метри, кои се вклопуваат во природниот крајолик. Споменикот е направен од бел бетон, а истиот бил откриен од страна на претседателот на Југославија - Јосип Броз Тито.

Споменикот на револуцијата на народот од Мославина е монументален споменик во Подградиќ, кој е висок десет, а широк дваесет метри. Споменикот е посветен на страдањата кои народот ги доживеал во текот на Втората светска војна. Идејното решение за споменикот е на Душан Џамонија од 1967 година.

Алан Олав Вокер е 20-годишен норвешко-британски диџеј кој стекна светска слава со синглот "Faded" во 2015 година. Минатата година, магазинот "DJ Mag" го смести на 17-тото место меѓу 100-те најдобри диџеи во светот.
Во 2017 година, Вокер издаде видеозапис снимен во Купари, уништен туристички комплекс близу Дубровник.






