Побарувачката на компаниите за нови работници во Германија достигна рекордно ниво овој месец, а најголема побарувачка е забележана во секторот на информациско-комуникациските технологии, се наведува во извештајот на Сојузниот завод за вработување (FEA).
Индексот на слободни работни места во јули пораснал за два поени, односно на 256 бодови, што е највисоко ниво на овој показател уште од неговото воведување во 2005 година.
Во извештајот кој е објавен во понеделникот, владината агенција соопштила и дека бројот на слободни работни места е зголемен претежно во економскиот сектор.
Најголема побарувачка за нови работници е забележана во секторот за информациско-комуникациските технологии. Секторите на малопродажба, индустриско производство и јавна управа, исто така забележале голем годишен пораст на слободни работни места.
Сојузниот завод за вработување ја препишува рекордната побарувачка за работници во Германија на долготрајната економска благосостојба во земјата.
Се бараат луѓе за работа во здравството
Владината агенција во понеделникот ги повторила предупредувањата дека некои сектори во стопанството, како што е здравството, се соочуваат со сериозен недостиг на квалификувана работна сила.
Сојузниот завод за вработување во вторник треба да ги објави официјалните податоци за невработеноста за тековниот месец.
Невработеноста традиционално расте во текот на летните месеци, како последица на годишните одмори. Во текот на јуни, службениците на пазарот на трудот забележале најмала бројка на регистрирани невработени жители на Германија, уште од почетокот на националните мерења во 1990 година.