Интервју со д-р Гордана Дубровиќ Стојановиќ: Здравјето е поважно од надворешниот изглед

Точка

21/06/2018

12:54

4.319

Големина на фонт

а а а

Многу разновидни информации и текстови се објавени и се објавуваат по списанијата и особено на веб порталите и социјалните мрежи во однос на заштитата од сонце во летните денови. Повеќето од нив се напишани и објавени од нестручни лица, без соодветна медицинска подготовка.

За жал, најчесто тоа се текстовите кои ги читаат повеќето млади девојки и слепо ги следат понудените совети во однос на сончањето. Токму заради разбивање на сите неточности, заблуди и грешки за тоа како треба да се негува кожата во лето, овој пат наша гостинка е дерматологот д-р Гордана Дубровиќ Стојановиќ, која зад себе има долгогодишно искуство и која ги следи најновите истражувања во однос на изложеноста на кожата на сончевите зраци...   


Не дозволувајте да ви се случат изгореници или пликови од сончање, особено не во детската возраст. Најдобро е постепено продолжување на изложувањето на УВ зраците. Ладовината не е доволна за да ве заштити од сонцето, солариумот не е добра подготовка за сончање. Темниот тен си има своја цена. Оштетувањето на кожата може да доведе до развој на сериозни кожни болести во иднина, затоа што е кумулативно. Изгледот не треба да биде поважен од здравјето. Сончањето не лечи акни. Кожата треба добро да се заштитува со лесна ленена или памучна облека со долги ракави и ногавици. Исто главата, лицето и очите со шешир и очила. Заштитата од сонцето почнува во детството и трае цел живот – се некои од клучните совети кои ги дава д-р Гордана Дубровиќ Стојановиќ и не се воопшто тешки за следење, а ќе ве заштитат од оштетувања и стареење на кожата и од појава на други посериозни кожни болести. 

Може ли од Вашето долгогодишно искуство како дерматолог да споделите со читателите на Точка одредени заблуди и грешки кои ги правеле пациентите при сончање? 

Никогаш не е доволно предупредувањето дека сончањето може да биде штетно за кожата, без разлика дали е таа млада, стара, сува или масна. Темниот тен може привремено да сокрие одредени неправилности на кожата како на пример: комедоните, акните, дамките или брчките, но долгорочно гледано состојбата може да се влоши ако се претерува со сончање. Темниот тен е привремен и кога ќе исчезне остануваат последиците од прекумерното сончање. Сончањето има и кумулативен ефект, што значи оштетување на кожата од сончање, последици кои ќе се забележат дури за 10 или 20 години. Затоа е многу важно да се внимава на децата во најраната возраст за да не се создадат сончеви изгореници.


Со сончањето кожата се задебелува, дехидрира и доаѓа до затворање на порите. И затоа најчестата заблуда е дека помага во лекувањето на акните. Вистината е дека тие се само прикриени и дека по сончањето доаѓа до нивно влошување затоа што лојните жлезди поради исушеност на кожата уште повеќе почнуваат да лачат, а порите се затворени. Ако кожата е зрела и сува, сончањето може да предизвика забрзано стареење со продлабочување на брчките заради ослабување на колагенот и еластинот, дехидратација и ослободување на слободни радикали. Под дејство на УВ зраците може да се оштетат ДНК во кератиноцитите и меланоцитите и да се појават разни кожни заболувања од бенигни до малигни (пример: соларно лентиго, мелазма, лентигомалигна, себотоична кератоза, актинична кератоза, БЦЦ, СЦЦ и меланома). Сончевото зрачење е одговорно и за создавањето на рак на кожата, а бројот на заболени се удвојува на секои 10 до 20 години во зависност од географската широчина и други фактори на ризик.

Кои се најголемите грешки кои ги прават сите оние кои интензивно се изложуваат на сонце?

Со причина се препорачува умерено сончање и затоа има бројни причини. Се препорачува изложување на сонце претпладне до 10 часот и попладне од 15 часот, но само 15 до 30 минути кога и најмногу се синтетизира витаминот Д. Исто така и попладне по 16 часот. Последиците од прекумерно сончање се чувство на пецкање, затегнатост или болка на кожата. Тоа е знак дека кожата примила преголема доза на УВ зраци и знак дека треба веднаш да се прекине со изложување на сонце. Заблуда е дека во ладовина не може да дојде до горење на кожата. Сепак, има рефлексија на сончевите зраци од водата (река, езеро, море) и од песокот, тревата и други разни површини. УВ зраците се неопходни за синтеза на витаминот Д кој е есенцијален за минерализирање на коските (спречува рахитис и остеопороза), оформување на имунитетот, делува на расположението и психолошкото пореметување од сезонски карактер.


Голем дел од популацијата страда од алергија на сонце. Каков е Вашиот став за заштита и создавање поголема толеранција на сончевите зраци?

УВБ зраците се одговорни за сончевите изгореници, создаваат солидна и долготрајна пигментација, не продираат низ облаците и стаклото и нивната количина е зависна од климатските услови, годишното време, географската широчина и надморската висина (и море и планина) и ретко создаваат алергија. Но, затоа предизвикуваат стареење на кожата. УВА зраците пак не предизвикуваат иритација, но црвенилото продира подлабоко и може да ги оштети ДНК во клетките, предизвикува алергии, продираат низ облаци и стакло, предизвикуваат фотостареење, имаат ист интензитет цела година, не учествуваат во синтезата на витаминот Д и најчесто се причина за појавата на рак на кожа.

Дали кремовите со високи УВ фактори помагаат во заштитата на кожата од сончеви изгореници и алергија?

Тие не заштитуваат повеќе од УВБ зраците, а помалку од УВА. И затоа е заблуда дека апсолутно штитат. Контрадикторен е фактот дека денес е зголемена потрошувачката на кремовите за сончање, а сепак бројот на заболени од разни видови рак на кожа е зголемен двојно во последниве 10 години. Тоа се должи на погрешното толкување на информациите, па луѓето мислат дека ако стават крем кој има потполен сан блок ќе бидат целосно заштитетни. Особено е заблуда дека водоотпорните или многу водоотпорните кремови даваат апсолутна заштита.

Што препорачувате?

СПФ е термин кој го воведе ФДА (Американската агенција за храна и лекови) како начин за изразување на ефикасноста на заштита од УВБ зраците. УВА заштитата не е нумерирана прецизно како што е кај УВБ. Ако кожата поцрвенува на сонце за 15 минути без заштита со СПФ 50, значи дека може да се престојува на сонце до максимум 500 минути, а да не се изгори при тоа. Но, и тоа има свои ограничувања, што значи дека ако се бањаме, кремот се испира и треба да се обновува на секои 2 часа. Освен тоа, кремот се брише и со потење или од триењето на пешкирот и облеката. Заблуда е дека не е важно колку се нанесува, затоа што ако не се нанесе во дебел слој нема да ја даде препорачаната заштита, туку минималната. Пример, СПФ 5 наместо 30. Факт е дека минералните кремови даваат подобра заштита, но потешко се размачкуваат или оставаат бели траги. Правилното нанесување на кремовите за сончање е нивно аплицирање 30 минути пред исчекорување надвор. Треба да се обновуваат на секои 2 до 3 часа, особено по капењето и во доволна количина. Заблуда е дека кога ќе потемни кожата не треба повеќе да се заштитува. Напротив, треба и понатаму но со помал фактор. Заблуда е дека солариумите даваат добра подлога за сончање затоа што тие се УВА лампи кои имитираат дел од сончевиот спектар и кожата не е подготвена за комплетно сончање. Заблуда е дека кремовите за заштита од сонце се користат само на плажа. Со заштита треба да се почне уште веднаш, во зависност од фототипот на кожата се избира фактор и се почнува со постепена подготовка на кожата за УВ зрачењето.


Изборот на крем за сончање треба да се направи во консултација со дерматолог, пред се според типот на кожата (сува, масна, комбинирана, чувствителна), потоа според фототипот се определува и кој СПФ фактор треба да се користи, па се определува составот на средството: минерален филтер, хемиски филтер или по желба органски препарат, кој не дава толку висока заштита, но не содржи многу хемиски состојки. Алергијата на сонце, за среќа е многу ретка и почесто е погрешно протолкувана со алергија на средствата за сончање односно реакција на некоја алергена состојка во производот. Затоа е потребно да се смири алергијата, да се промени производот и ако се повтори тогаш треба да се направи алерго тест на УВ зраци.

Дали исхраната може да помогне или одмогне во овие здравствени ситуации, особено кога станува збор за алергија на сонце?

Храната не влијае на алергијата на сончевите зраци. Пречувствителноста на сонце повеќе зависи од други дијагностицирани и недијагностицирани болести.

Пишува: Гордана Настевска-Манасијеска 


Совет:  

- За заштита на кожата по сончање потребно е дополнителна заштита со антиоксидант (перорално и локално), витамин Е, витамин Ц, Q10, ресверитол, алое вера, хијалуронска киселина...

УВ зраците се делат на УВА или долги (320 – 400 нм), УВБ или средни (280 – 320 нм) или УВЦ или кратки (100 – 280 нм). Последните се најопасни, но за среќа се апсорбираат во озонскиот слој и не допираат до земјината површина (освен онаму каде тој слој е истенчен).



Спонзорирани линкови

Маркетинг