Игор Ангелов: Го уживам она за кое сонував – да бидам актер, татко и да имам своја бавча

Точка

18/05/2018

12:02

9.482

Големина на фонт

а а а

Комуникацијата со него секогаш оди лесно, зашто во природа е спонтан, отворен, ведар човек, со автентична харизма. Неговата смирена енергија открива личност која максимално ужива во животот, во сите нешта кои ги прави: актерството, татковството, домаќинувањето, градинарството, трчањето маратони...

Децата го обожуваат заради улогата на Цветко во ТВ серијата „5+ Фамилија“, а возрасните заради многуте одлични театарски и филмски улоги. Последната му беше во новиот филм на режисерот Владимир Блажевски насловен „Година на мајмунот“, кој се игра во киносалите, што беше и повод за овој разговор. Актерот Игор Ангелов со широко отворени раце нè пречека и во неговиот дом во скопското село Бардовци, каде одмараше во зеленилото од неговиот простран двор, јадејќи од плодовите од црешата засадена во средината.


Од планирана епизодна, сепак на крајот ја добивте главната улога во новиот филм на режисерот Владимир Блажевски насловен „Година на мајмунот“, кој во моментов игра во киносалите низ Македонија. Интересно сценарио, приказна и кастинг. Верувам уште позабавно беше и снимањето? 

Навистина не знам од каде да почнам да раскажувам во однос на мојот ангажман во овој филм. Тоа е доживување кое му го препорачувам на секој мој колега - да работи на филм со Владимир Блажевски и да работи на толку интересно сценарио. Чуден, необичен филм е тоа... Еден вид панк, апсурдна бајка која зборува за времето во кое живееме, за мајмунот кој шета секаде меѓу нас и кој е потребен да ни покаже многу нешта за да се опаметиме. Знаев само дека Владимир ќе снима филм, но не бев запознаен со сценариото и отидов на кастинг, како што е редот. Во едно негово интервју прочитав дека ме планирал за помала, епизодна улога во филмот, ама кога сум се појавил на кастингот сфатил дека сум идеален за да го играм главниот лик на Цобе, еден многу тажен човек. Филмот е социјална приказна во која се случуваат многу убави и неубави нешта и каде Цобе се здружува со еден мајмун и се случува тоа што се случува. Посакувам што повеќе луѓе да го видат филмот.


Добивањето главна улога е голем предизвик и возбуда, но и голема одговорност... Како Вие го доживувате тоа?

Во последниве неколку години научив дека одењето на кастинг е корисна и многу логична работа. И затоа се пријавувам на сите. Во Македонија во суштина малку се снимаат филмови. Еве, во последниве години малку мрдна работата... но, генерално продукцијата е мала и затоа не пропуштам ниту еден кастинг. А, добивањето на главната улога е убаво чувство, особено моментот кога ми се јавија и ми го соопштија тоа. Уште кога знам дека тоа го работам со режисер од рангот на Владимир Блажевски среќата е преголема. Целото снимање го доживеав како спуштање по тобоган. Јас немам големо актерско искуство зад мене, но влегов во сето ова затоа што со Владимир имавме голема меѓусебна доверба. Блиски сме и се почитуваме и имаме многу убава комуникација и тоа го пренесовме и на снимањето. Тој е питом, мек човек. А, таков е и филмот: топол, мек со убави бои. Во сензибилитетот филмот и улогата што ја играм во филмот ми се многу блиски.


Она што отсекогаш воодушевувало кај Вас е одржувањето совршен баланс меѓу актерската професија, која сама по себе подразбира голема слобода и еден боемски живот и семејниот, скромен, домаќински живот. Навидум неспојливи две животни димензии, но Вие ги одржувате со достоинство... Како?

Среќен сум што си имам свој простор и во театарот (си го најдов своето место во Драмскиот театар во Скопје и што ја работам работата што ја сакам) и во селото Бардовци, каде живеам во природа и мир со моето семејство, сопругата Ева и синовите Јаков и Андон. Тоа е нормално и природно. Она што го посакував како тинејџер сега го имам и го живеам. Нема филозофија. Едноставно ги правам работите што ги сакам. Отсекогаш сакав да обработувам земја, да имам бавча и лозје, да произведувам вино, ракија... да уживам во едноставните нешта, да бидам почесто надвор. Тоа е тоа. Можеби тоа дека актерот по автоматизам е боем е клише и јас сум надвор од тоа. Можеби тоа го правеа некои од постарата актерска генерација во државава и беа уникатни и успешни во тоа. Но, го тераа театарот и работеа и тоа што го сработеа во театарот и филмот остана како антологија. И затоа ги почитувам. Јас по природа не сум таков човек. Еве, во последниве пет години активно трчам полумаратони. Најдов убавина во тоа, затоа што ми помага и ме одмара. И од рекреативното трчање преминав на совладување полумаратони, не само кај нас, туку и во другите градови во регионов. Сега бев во Софија, трчав во Ријека, Загреб... Сакам да кажам дека кај мене нема поврзаност на актерството со боемство. Кога работам работам, кога уживам – уживам. Член сум на аматерскиот атлетски клуб „Скобул“ и таму сме сите парови со нашите сопрузи и сопруги, па и мојата сопруга Ева трча со мене. Се собираме неколку парови заедно и патуваме во регионов и заедно трчаме маратони, а потоа се дружиме и ги шетаме градовите. Таму има многу инспиративни луѓе, како на пример Бале познат по прекарот Брзи, кој има 65 години и трча побрзо и од нас. Со неговата физичка подготвеност и ведар дух тој е голема инспирација за нас.


Актуелни во моментов и со новата претстава „Странец“ во режија на Нела Витошевиќ. И сте особено возбуден за овој проект. Зошто?

Кога ќе направам пресек на сите моите претстави, најзначајните се поврзани токму со Нела. По 11 години таа дојде да режира во Драмски театар. Претставата „Странец“ е по италијански текст, премиерата помина одлично! Мислам дека имаме хит и претстава која ќе одбележи едно сосема ново поглавје во делувањето на Драмскиот театар. Ова најодговорно го тврдам. Оваа претстава значи вртење нова страна за овој театар. Приказната што досега кружеше за театарот дека го снемува, дека тоне, дека е само една стара зграда која треба да се руши и реновира тука завршува. Драмски театар тргнува во една нова насока. По премиерата на оваа претстава интересот е огромен и луѓето постојано се јавуваат. Со „Странец“ ја покажавме големината на театарот, кој е култно место, антологиски простор за Скопје.


Ликот Цветко од детската ТВ серија „5+ Фамилија“ за младите генерации е икона, идол кој ги инспирира. Продолжувате и со тој ангажман?

Да да! Цветко си е концепт кој не застанува. Толку енергија и труд вложивме во тоа. Со ликот и емисијата пораснаа многу генерации, дури и моите деца (се смее). Цветко е континуитет кој не смее да запре. Емисијата пренесува убава мисла, многу е поучна, не е претенциозна, дава основни назнаки за тоа што е добро, а што лошо и тоа особено едноставен начин... Цветко на едноставен начин ги дава важните пораки.

Цветко Ви е, верувам, и секојдневие и дека се уште децата Ве запираат на улица или каде и да Ве видат, сакајќи да се фотографираат и да разменат некоја мисла...

Да. Токму така. Јас уживам во тоа. Кога децата ќе ме препознаат имаат чиста енергија и најотворено го изразуваат она што го чувствуваат, тоа воодушевување, таа стаписаност од радост. Секогаш кога ќе забележам дека децата се срамат, јас им приоѓам и се поздравувам со нив. Чувството е за нив восхитувачко. Некои ќе се скаменат од трема, некои се радуваат, некои ме гушкаат... Некои ме прашуваат, како на пример, едно детенце ме прашуваше како да стане помошник детектив на Цветко. Порано добивавме писма и цртежи и сите нив ги чувам. Ја чувствувам нивната чиста, автентична енергија и емоција и многу сум среќен што тие растат со мене. И знам какво е чувството затоа што и јас растев со Бранко Коцкица, со „Бушава Азбука“... Во тие години можев да ги видам на малиот екран. Кога Бранко Коцкица го запознав лично, години и години го чувствував восхитот од таа средба. Затоа јас сум особено одговорен кон тие деца.


Какви филмови Вие гледате? Каква литература читате?

Повеќе сакам европска кинематографија. Во последниве години благодарение на интернетот пронајдов одлични ирански, полски, чешки односно независни филмови. Во однос на литературата, класиката е она што секогаш ме „држеше“. Не сум љубител на „ин“ литература, односно нешто што е сега актуелно.

Во последниве неколку години имав можност повеќе да снимам пред камера и ја наоѓам разликата помеѓу играта пред камера и онаа на сцена. Театарот е она што ме натера да станам актер. Не студирав актерство за да станам познат филмски актер, туку да работам во театарот. Но, сега сфаќам дека играњето пред камера е возбудливо и прекрасно. Филмот има друга магија, нешто комплицирано кога се снимаат многу делови кои потоа се монтираат во едно дело, кое останува вечно како запис. Филмот е печат, документ. А, тетарската претстава е овде, сега, момент... Ама, старееме, растеме и во театар јас никогаш не можам повеќе да ја изиграм улогата што сум ја играл пред 15 години 


Пишува: Гордана Настевска Манасијеска
Фото: Марко Маркоски

Се радувам на детето во себе и на моментот на создавањето. Немам метод по кој работам на улогите, немам систем на работа. Секој проект, секој режисер ми е ново доживување, нов предизвик. Нема рецепт како кога подготвуваме манџа, на пример (се смее) 


На ѕидот од дневната соба во неговиот дом стојат многу цртежи и пораки кои ги добивал од неговите детски обожаватели


Се додека сум дете и се чувствувам како дете и ја носам исконската чиста енергија ќе уживаме во животот. Не верувам во тоа старост – мудрост... Можеме само да учиме од грешките и да се трудиме да не ги повторуваме. Да бидеме подобри луѓе. На крајот, се е момент, овде и сега... и само тоа го имаме


Пред 2 години кога беа поплавите, ние го снимавме филмот „Година на мајмунот“ во една од тие куќи и се сеќавам дека од сите страни течеше вода, а нам не ни беше јасно што се случува затоа што тие денови додека снимавме не гледавме телевизија и не бевме во тек со настаните. Мислевме дека ќе се прекине снимањето, но продолживме и приквечерината тргнавме накај дома... и што ќе видиме, цели улици поплавени. Дури дома од домашните дознавме што се случило



Спонзорирани линкови

Маркетинг