Груби: Задоволен сум што никој не беше против или воздржан при донесувањето на законот

Макфакс

15/03/2018

10:57

852

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието – матичното работно тело кое го разгледуваше Законот за употреба на јазиците, Артан Груби, го поздрави вчерашното донесување на Законот за употреба на јазиците.

Во соопштението претседателот на комисијата, Груби, изразува особено задоволство што Законот за употреба на јазиците се донесе со 64 гласови „за“, без ниту еден глас „против“ и ниту еден глас „воздржан“.

Во целокупната постапка при донесување на Законот, на комисиската расправа, како и во прво, второ и трето читање на Законот на седница на Собранието, истиот беше гласан и потврдуван без ниту еден глас против, се наведува во соопштението.

Претседателот на Комисијата за европски прашања додава дека со донесувањето на Законот за употреба на јазиците се заокружил нормативниот дел на Охридскиот рамковен договор, со што Македонија ќе стане посилна, постабилна, посигурна и покохезивна држава која силно чекори кон ЕУ и НАТО.

Груби исто така потенцира дека она што до вчера било слабост, меѓуетничките односи, денес е најголем адут за Република Македонија.

„Сега е време да се посветиме целосно на преостанатите реформски закони како и на решавање на спорот со нашиот јужен сосед за да ја интегрираме нашата држава целосно во НАТО и ЕУ“, се наведува во соопштението.