Мицов: Партијата „Погреб за Македонија“ го охрабрува албанскиот сепаратизам

Макфакс

08/03/2018

14:43

2.516

Големина на фонт

а а а

Единствена Македонија одржа прес конференција за стопирањето на изградбата на првата Руска црква во Скопје.

На прес- конференцијата, заменик претседателот на Единствена Македонија, Стефан Влахов Мицов рече дека владејачката партија „Погреб за Македонија“, составена од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ продолжува со скандалозните и опасни активности со кои се загрозуваат највисоките национални и државни интереси на македонската држава и македонскиот народ.

„Веднаш да кажам, пред два дена партијата „Погреб за Македонија“ донесе одлука да се стопира изградбата на руската црква во Скопје. Иако и досега во континуитет од 4 години правеше проблеми за нејзината изградба. Внимавајте добро, ова се случува веднаш по заминувањето на Александар Дугин и Леонид Савин од Македонија, кои беа во тридневна посета на покана на нашата партија Единствена Македонија. Ваквиот чекор на партијата „Погреб за Македонија“„ претставува опасна провокација која силно го вознемирува македонскиот народ, бидејки власта удри врз првата Руска црква во земјава“, рече Мицов.

Од друга страна, додаде тој, „ќе потсетам дека поминаа 10 дена од нашата прес-конференција на која споделивме со јавноста правосилно решение и заклучок на надлежниот инспекторат за рушење на најголемата и најскапата џамија-дивоградба во Скопје изградена со пари од една радикална исламска држава. Меѓутоа, за ова, од партијата „Погреб за Македонија“ целосен молк. Во овој контекст, треба да се спомне и за џамијата-дивоградба која се гради на Попова Шапка, во самиот почеток на овој скијачки центар. Треба ли да потсетиме и за споменикот- орел на УЧК во Чаир кој исто така е дивоградба, а градоначалникот Шилегов вулгарно изјави дека баш затоа дека е дивоградба не можел да го сруши. Или пак за новоизградените во цела Македонија повеќе од 350 џамии, голем дел од нив исто дивоградби“.

„Значи во Скопје и во цела Македонија може да се градат џамии и споменици дивоградби на албанското малцинство, но не може изградба на легални цркви и крстови, како овој во Бутел, со сета потребна документација. Владејачката партија „Погреб за Македонија“ во сите свои дејствија го поставува албанското малцинство надвор од македонските закони, го охрабрува неговиот сепаратизам и дозволува создавање на посебна албанска „држава“ во Република Македонија“, изјави Стефан Влахов Мицов.