Точка интервју: Познатата пејачка го отвори домот и срцето

Точка

07/02/2018

11:57

7.136

Големина на фонт

а а а

Во изминативе 15 и повеќе години, колку што е на македонската музичка сцена, во најинтимното катче, домот, ниту еднаш досега не примила луѓе од новинарската фела.

Затоа се чувствуваме поласкани што сме првите вакви гости во нејзиниот дом, во кој владее позитивна енергија и е облагороден со многу книги и уметнички дела од земјите од светот во кои пропатувала. Прво вкусно кафе, убав и енергичен муабет, а потоа снимање...

Така пречекува познатата македонска пејачка Дани Димитровска, која по кусо затишје станува повторно актуелна со новиот албум насловен „Град за љубов“, дело во кое потполно ја отвара душата и мислата 


Новиот албум „Град за љубов“, за разлика од претходните кокетира не само со рок звукот, туку и со џезот. Веројатно тоа е звук кој прилега на внатрешното менување: емотивно, духовно... Албумот како што вели таа е инспириран од секојдневието во Скопје, во последниве три години. Тоа се емотивни песни, создадени од Вистината.

„Преку нив се доживувам себе, се надевам и луѓето ќе го доживеат истото искуство. Размена е во прашање. Отвореноста е таа која се спознава како единствен пат во музиката со годините... како и губење на поимот очекувања од речникот. Џез призвукот како правец симболизира слобода на изразување и е леплива нота на пораката што целиот албум ја содржи“ – ни кажа таа.

Одлучивте да го отворите албумот со песната насловена „Свети“, која во моментов е хит и се врти во македонскиот радио и ТВ етер... за разлика од останатите, „Свети“ има пожестока нитка и еден вид катарзична енергија и порака.

Пеете за добрината, за емпатичноста, но и за повредувањето едни со други. Пеете ли од искуство? Сметате ли дека сепак најважно нешто е добрината и способноста за разбирање на останатите?

Одлучивме “Свети” да го отвори албумот поради целиот текстуален роман, кој е жива вистина и која е единствена тема на секој од нас со пријателите на кафе-средби.

Пеам: “Години, години ќе бидеш храна за алчните умови во концепти што живеат во страв нив да не ги снема” – тука ја искажуваме реалноста која не е баш за фалење т.е хејтерскиот момент кој владее на социјалните мрежи - како главна посакувана професија. Затворени им се срцата. А, сè што треба е да се разбереме себеси за да можеме да ги разбереме другите. Од некаде треба да се почне. Јас знам вака, преку “Свети”...


Ова е еден многу позитивен албум, полн со ведрина и што е најважно од сè, порака до сите што ќе го слушнат дека животот е убав ... Не грешам, нели?

Не постојат грешки, ти си го почувствувала двојно она што имаш во себе. И тоа е прекрасно. Поентата на музиката е емотивно да се разбудиме и да се отвориме за да предизвикуваме земјотреси. Знаете на што мислам. Патем, “Животот ме сака” е шестата песна од албумот, која пее токму за ова за кое говориме. Ако го сакам животот и тој ме сака мене – тоа е пораката на песната.

„Сакајќи те тебе, ова невреме станува време ... сакајќи те тебе, го сакам секој човек ... на улица минувач обичен ... Љубооооввв ... само чувствувам ...“ – така пеете во последната песна од албумот „Сакајќи те“.

Дали од Вашето искуство сте спознале, осознале дека љубовта е ултимативна, врвот на човековиот живот и постоење? И дека сè друго е менливо и минливо и не толку важно? Зборувам за било кој вид љубов - кон партнер, кон пријател, кон дете...

Токму така. Првенствено љубовта кон себе е ултимативна. Почеток и повторно почеток, без крај, во бесконечност. За тоа сме родени и природно способни. Тоа ни е суштината на постоењето!


Сепак, албумот и сите песни се посветени на градот ... Градот во кој живеете. Зошто „Град за љубов“? Каков град посакувате да биде Скопје?

Албумот и сите песни се посветени на луѓето што го сочинуваат градот. Луѓето се тие кои го красат или гнасат градот. А, Скопје е мој град. Почнаа да владеат негациите во овој град ... Оттаму и инспирацијата. Го сакам Скопје чисто и насмеано.

Што во него Ве вознемирува? А што Ви се допаѓа?

Ме вознемирува сè она од погоре споменато, а ми се допаѓа тоа што понекогаш ќе прочитам дека некој подигнува свест без псовки и обвинувања.


Како јавна личност имате малку повеќе моќ да бидете општествено активна, да влијаете на младите генерации да бидат посвесни за околината, за општеството, за луѓето... Дали музиката за Вас е единствениот начин за тоа или пак сте се обиделе и со други кампањи?

Бев дел од многу кампањи и тоа е општествена одговорност на секоја личност.

Искуствата нè менуваат ... Ставовите и перцепцијата за светот исто ... Можете ли да направите ретроспектива на себеси од пред неколку години и сега? Како Вие чувствувате дека се менувате? Затоа што тоа влијае и на музиката што ја создавате...

Би било нездраво да не се менувам. Тоа е природен процес што неминовно се случува. Не велам дека сум стара и ултра искусна, но велам дека кога сум посветена на себе, забележувам различна перцепција на нештата, пред 10 години и сега на пример. Тоа е убавината на себе-негувањето. Спознавање. Сигурно тоа влијае на секој сегмент од животот, во музиката на пример, забавно ми е кога преслушувам песна отпеана пред 10 години и сега. Тогаш, точно знам во кој дел сум пораснала или сум се променила.


Музиката е едно од најблагородните нешта создадени од човекот, но сепак наспроти тоа е музичката сцена/бизнис која е на сосема спротивната страна. Вие го живеете тоа повеќе од 15 години... Ја живеете и искусувате суровоста која таму владее. Како човек да остане ЧОВЕК во таа средина и да продолжи да ја негува светлината во себе?

Уфф... Па сите во одреден момент сме го промашиле или изгубиле патот. Во време на невреме сосема е нормално да се фатам во замките на умот кој секогаш дава ужасно “паметни” идеи како да ме задржи во комфорните зони. Затоа упорно блебетам на секое интервју дека најважно е да се следи срцето, кое ја одредува целта на постоењето. Така си повторувам и за себеси. Јас така...

Би сакале ли да споделите некои искушенија, предизвици, нивно надминување кои Ви се случија градејќи ја Вашата кариера, создавајќи ја Вашата музика?

Сакам и прифаќам ризици со задоволство, ако тоа е единствениот начин да дојдам до посакуваната цел. Но, никогаш не сум имала искушенија кои би штетеле на мојата личност и дело. Од предизвици, омилени ми се оние кога настапувам на места каде не се слуша музика од мојот вид.

Што за Вас значи добро поминат ден? Квалитетно време? Како Вие тоа го организирате?

Зависи. Добро поминат ден може да ми значи и лежење во со маска на лицето и косата и со книга во рацете. Квалитетно поминато време обично ме асоцира на здрава комуникација со луѓето кои ми се блиски и драги. Не знам да организирам. Кога посакувам, се случува.

Од што најмногу се плашите?

Најмногу не се плашам од ништо. А, се плашам од глупи работи како на пример од глушец.


Вие сте жена со особена убавина и нескротлив темперамент. Знаете точно што сакате да постигнете во животот ... Дали има до Вас маж кој може да ве следи, да Ве поддржува, охрабрува во сето тоа?

Да.

Сега кога албумот е излезен, како би сакале да го претставите пред слушателите? Имате ли можеби поинаква идеја на споделување на музиката, идеја за настап кој ќе излезе од клишеата? 

Имам, да. Сè во свое време.

Дали дозволувате да Ве совладаат клишеата или стереотипите, да Ви се наметнат или пак ги отфрлате штом ги презпознаете? 

Паа, се водам по инстинкт.

Кој е последниот најдобар совет што го добивте и од кого? 

Па не е баш совет, повеќе е поддршка, но ме здрма баш како што само таа знае. Тоа е Весна Малинова: “Знам дека можеш. Една си. Бескрајно верувам во тебе.” – Ме гушна како мајка што го гушка свое дете и ме остави сама да одлучам.


Зборувате ли со пријателите за најдлабоките емоции или пак сте личност која сама сака да ги совлада сите искушенија и да се избори со сè? 

Зборувам. Сè. И тоа многу. Комуникацијата ми е од огромно значење. 

Дали како што се менува музиката која ја создавате, се менува и вашата надворешност, односно стилот? Затоа што сепак стилот е одраз на она што го носиме како интелект и емоција ...  

Или е моментална инспирација. Сè е менливо, како што споменавме погоре. Веројатно да. Но, тоа менување може да биде движење во круг... Важно е движењето по патот... да чука во срцев ритам на “Нема Две”.

Овошна салата или лава колач?
Лава колач

Нина Симон или Мадона?
Нина Симон

Научно-фантастичен филм или психолошки трилер?
Психолошки трилер

35 Целзиусови степени, куси шорцеви и маичка или 0 Целзиусови степени, волнени чорапи и џемпер и шолја топол чај? 
Првото

Родена сум во хороскопскиот знак Близнаци и затоа... 
Детето во мене никогаш нема да порасне

 Брз автомобил или воз?
Брз автомобил

Армани или Шанел (парфем)? 
Ни едниот, ни другиот

Пица или вкусна домашна манџа?
Пица

Модерен лаунџ бар или зачаден џез клуб? 
Зачаден џез клуб


Што вели Вашиот син за музиката што ја создавате? Од неофицијалниот муабет споменавте дека и тој сè повеќе се интересира за музиката... можеби некој дует во иднина?

Не верувам. Мило ми е што свири гитара како хоби. Уверена сум дека е благодет кога децата растат со музика или свират на инструмент. Верувам дека со музика децата ја зачувуваат емпатијата која природно ја имаат.

Слика 1: Ова ми е мојата скромна тераса со најнескромно убавиот поглед на Скопје.. Изгрејсонцата во лето од оваа позиција се мои


Слика 2: Домородецот, жирафата и слонот ги влечев по аеродроми во раце ... да, неубаво чувство кога со “”Каде тргна вака” фаци ме одминуваа луѓе ... Купени од Гана/Африка.


Слика 3: Лабаво по дома со гости од точка.мк :)


Слика 4: Ова дело го урамив во Скопје, но како платно го тегнев од Мароко. Авторот на делово бил ценет револуционер.. или барем така ми кажаа мештаните продавачи за да ме остават со нула парички :) шала на страна, ја љубам сликава


Слика 5: Овие дрангулии ми се поклон од драги луѓе од Тајланд


Слика 6: Свеќнициве се драг спомен купен своерачно :) од Каиро.. се научив па одев со полупразен куфер за да не се враќам како - види дескрипшн на слика 1 :)


Слика 7: Врата за во спална.. правена кај нас




Спонзорирани линкови

Маркетинг