Единствена Македонија: Џафери да не се расфрла со провокативни изјави во однос на законот за јазиците

Макфакс

01/02/2018

10:52

1.093

Големина на фонт

а а а

Политичката партија Единствена Македонија во најновото соопштение до јавноста изразува вознемиреност, како што велат оттаму, од заканувачката изјава на Талат Џафери дека законот за употреба на јазиците не може да има иста судбина како Законот за бранителите и доколку не се сфати дека ова е на штета на Албанците, тогаш ќе преземат други чекори.

„Талат Џафери да не се расфрла со провокативни изјави зашто ако мора уште еднаш да се преземаат други чекори, само ќе ни ја олесни работата оти Македонците се при крај со своето трпение од секојдневните провоцирачки и веќе здодевни барања на албанското малцинство за некои нови и нови права“, се наведува во соопштението на Единствена Македонија.

Од партијата исто така додаваат дека со Рамковниот договор, кој, како што наведуваат, е длабоко трауматичен за македонската национална свест, и фалсификуваниот попис за лажното претставување на Албанците дека се 25 отсто, Албанците практично добиле сè, а Македонците премногу загубиле.

„Потсетуваме дека Законот за бранителите во 2012 наиде на неочекувана реакција токму од Талат Џафери како тогашен координатор на пратеничката група на ДУИ со читањето поезија во Собранието до бескрај, особено ‘Тишина’ од Ацо Шопов“, велат од Единствена Македонија.

Оттаму, најдобронамерно му порачуваат и го повикуваат, како што велат, нелегитимно избраниот претседател Талат Џафери на „тишина“ во Собранието.