Дојче веле интервју со Аристотле Ѕиампирис: Подобро е да нема договор, отколку да има лош договор за името

Точка

23/01/2018

13:31

3.045

Големина на фонт

а а а

Секој компромис ќе има политичка цена, и за Заев и за Ципрас. Сега е потребно државништво и чувство на одговорност во Атина и во Скопје, затоа што има вистински моментум да се реши ова прашање, вели професорот Ѕиампирис.

„Не може да се очекува дека двете земји ќе можат да се договорат за името на ПЈР Македонија и да речат дека за другите работи ќе разговараат подоцна. Тоа нема да се случи. Сите работи ќе одат во пакет“, убеден е Аристотле Ѕиампирис, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Пиреја. Ѕиампирис долги години го проучува прашањето за името, има напишано книга и многу анализи за овој проблем и е еден од највлијателните експерти во грчката јавност за проблемот кој ги оптоварува односите меѓу Македонија и Грција. Во разговорот за Дојче веле тој вели дека двете земји мора да се концентрираат на иднината, а не на она што се случувало пред 10, 20, 100 години или пред 2000 години. Според Ѕиампирис, медијаторот Нимиц не е тој што одлучува, тој само се обидува да помогне – „државите ги носат одлуките".

Што мислите господине Ѕиампирис, дали двете земји се навистина на патот да најдат заедничко решение околу прашањето за името или изјавите во Скопје и Атина се само фалшлив оптимизам?

Две работи сакам да кажам за ова. Првата е дека ова е дипломатско прашање кое не е решено 25 години. Многу е важно да се каже дека не е лесно тоа да се реши. Кога го имаме тоа предвид денес сме сведоци дека има вистински прозорец на можности кој може да води кон договор за таканареченото прашање за името. Се разбира, тоа не е лесно, не беше лесно и нема да биде лесно.

Дали премиерите на Македонија и Грција имаат храброст да го решат прашањето сега и да отидат подалеку од очекувањата?

Овде имаме две специфични ситуации кои треба да ги земеме предвид. За секој договор мора да има компромис на двете страни. Секој компромис ќе има одредена политичка цена. Секој договор ќе предизвика политички реакции. На прашањето дали е потребна храброст јас повеќе мислам дека е потребна политичка иницијатива и државништво. Храброста е работа што јас би им ја оставил на пример на војниците на бојното поле. Но во дипломатските преговори е неопходно државништво и чувство на одговорност. Затоа што ако сакаш да постигнеш договор мора да направиш компромиси. Тоа значи дека политичката цена ќе биде вклучена. Ова е тешко прашање. Лесните прашања се решаваат самите по себе.

Мислите ли дека премиерите на двете земји го поседуваат ова државништво?

Одговорот е лесен – не знам, бидејќи не сум видел ниеден конечен договор. Но, она што го знам е дека има подготвеност да се оди напред. Тоа го гледам и сум сосема сигурен во тоа. Но, мора да почекаме, прво дали ќе има договор и второ што ќе содржи тој договор.

Двете влади се согласија дека ќе контактираат преку работни групи во блиска иднина за да најдат заедничка основа за можно постигнување решение. Што е поважно - рамката на Нимиц или новото разбирање меѓу двете земји?

Во основа се работи за две суверени држави. Тоа значи дека државите, нивните претставници и народите ќе го направат договорот. Нимиц не е тој што одлучува. Нимиц е тој што се обидува да помогне да се дојде до договор, со мандат на Обединетите нации. Тој не носи одлуки. Државите ги носат одлуките. Државите не се обврзани да го прифатат она што тој го вели. Би сакал да истакнам дека луѓето зборуваат за прашањето за името, но во реалноста има четири различни прашања. Првото е какво ќе биде меѓународното име на земјата. Тоа е прашањето на коешто луѓето се фокусирани, но другите прашања се: какво ќе биде името на јазикот кој го зборуваат луѓето на вашата земја; трето, како ќе се викаат луѓето што живеат во земјата и четврто, што ќе се прави со продуктите што се произведуваат таму. Прашањето на името ќе помогне да се отклучат другите прашања.

Пред 25 години решавањето на спорот за името беше во рамките на Европската Унија. Дури неколку години подоцна тоа дојде под покровителство на Обединетите нации. Дали во тоа време проблемот беше само во името, а дополнителните прашања што ги споменавте дојдоа отпосле?

Јас мислам дека целата работа е во пакет. Сѐ мора да се реши во исто време. Ако ги прочитате документите од 1991. и 1992. година, кога тоа прашање беше во рамките на ЕУ и ако го прочитате таканаречениот „пакет Пињеиро“ (нареченот според тогашниот министер за надворешни работи на Португалија н.з.) ќе видите дека и тој се занимаваше со повеќе прашања, иако фокусот беше на името. Се разбира дека историјата е интересна, но сега мора да се фокусираме на она што е денес. Не може да се очекува дека двете земји ќе можат да се договорат за името на вашата држава и да речат дека за другите работи ќе разговараат подоцна. Тоа нема да се случи. Тоа ќе биде сѐ или ништо.

Колку новата геополитичка ситуација - зголеменото инволвирање на Русија во регионот и поголемото влијание на Турција и Кина – игра улога во новиот развој околу името?

Ова е многу добро прашање. И прашањето е зошто сега? Зошто сега се отвора овој прозорец на можности? Без никакво сомневање мислам дека две работи се променија од пред две години. Една е владата на Заев, за тоа немаме никакво сомнение. Оваа нова администрација во Скопје е помалку заинтересирана за антиквизација и за портретирање на Грција како непријател и во овој момент изгледа искрено заинтересирана да се најде решение. Ова е навистина голема промена бидејќи за танго секогаш се потребни двајца. Втората работа е што имаме променета регионална геополитичка ситуација. Западниот Балкан се соочува со зголемена нестабилност и многу експерти заклучија дека има голем потецијал за уште поголема нестабилност. Ако се реши името, многу е веројатно дека НАТО ќе ве вклучи како нова членка уште во јуни оваа година и со тоа сигурно ќе се засили регионалната стабилност. Мислам дека има меѓународен притисок. Понатаму, мислам дека има чувство, особено во САД, дека руското влијание во Западен Балкан се зголемува и членството на НАТО на ПЈР Македонија ќе го лимитира ова влијание. Од грчка перспектива тоа изгледа вака - кога земјата бавно заздравува од долгата криза, но има знаци дека работите се доведуваат во нормала, со решавањето на ова големо прашање грчкото влијание и економската активност и политичката моќ во регионот ќе се зголемат. Регионалната политичка клима притиска кон договор.

Целото интервју прочитајте го на Дојче веле



Спонзорирани линкови

Маркетинг