Костовски: Законот за јазици може да има последици на Уставот

Макфакс

12/01/2018

14:46

136

Големина на фонт

а а а

Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ вчера донесе неуставен закон за двојазичност со кој се деградира употребата на македонскиот јазик и истиот се сведува на ниво на еден од јазиците кои се говорат во Република Македонија. Ова е ставот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Според Дарко Костовски, овој закон е во спротивност со Амандман 5 од Уставот на Република Македонија, а, пак, со албанскиот јазик се врши фаворизирање на само една етничка заедница – албанската, додека од друга страна сите други се маргинализираат.

„Можноста судските, управните, извршните, предистражните, истражните, кривичните, прекршочните, парничните, вонпарничните, за извршување санкции и другите постапки да се водат на еден од двата јазици ја релативизира официјалноста на македонскиот јазик. Дополнително невозможно е закон кој се носи со апсолутно мнозинство да се усогласува одредби во закони кои се носат со двотретинско мнозинство. Двојазичност на униформите на полицијата, здравствените работници и пожарникарите ја надминува уставната рамка. Според Уставот, двојазичноста може да важи за локални институции, а не во државните институции, како што тоа се прави со овој закон. Законот за двојазичност го надминува и Рамковниот договор во точка 6 од истиот, во делот на образование и употреба на јазиците“, вели Костовски.

Имено, во едно мултиетничко општество загрозувачки за сите други заедници е да се донесе закон со кој се промовира една етничка и јазична заедница. Со израмнување на албанскиот јазик со македонскиот јазик се промовира јазичен билингвализам, што може да предизвика последици врз Уставот.

Според него, доколку СДСМ сакале да прошират одредени јазични права тоа можеле да го направат со измена и дополнување на веќе постоечкиот Закон за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа.

„Целата постапка беше изведена шверцерски, надвор од законските процедури со ставање европско знаменце. Најсрамно беше злоупотребена постапката за донесување закони од значење за интеграција на државата во ЕУ. Законот се повикува на правото на ЕУ, а притоа не наведува на кој акт на Унијата, со датум и број, се повикува. Ваквиот закон доведува до опасност да се нарушат хармонијата и кохезијата на македонското мултикултурно општество, поради деградирањето на единствениот интегративен елемент – македонскиот јазик“, вели Костовски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, овој закон не го унапредува животот на граѓаните, туку со него се троши време и пари, кои не носат просперитет.



Спонзорирани линкови

Маркетинг