Ајатолахот Али Хаменеи: Непријателите ги предизвикаа протестите во Иран

Точка

03/01/2018

11:48

2.735

Големина на фонт

а а а

Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хаменеи, ги обвинил вчера непријателите на Иран дека сакаат да ја загрозат власта, по шест дена демонстрации во таа земја, каде настрадале 21 лице и неколку стотина луѓе биле приведени.

Хаменеи навел дека "непријателите на Иран, кои се обединети, ги користат сите средства, пари и оружје, како и своите служби за безбедност, за да им создадат проблеми на иранските власти". 

"Само чекаат шанса да му нанесат удар на иранскиот народ", рекол Хаменеи, без да прецизира кои се непријатели на Иран, но во твитот од 27-ми декември ги споменал САД.

САД, кои вршат притисок на Иран, во вторникот побарале итна седница на Советот за безбедност на ОН и Советот на ОН за човекови права.

Од друга страна, францускиот претседател Емаунел Макрон изразил загриженост поради бројот на жртви на демонстрациите и повикал на "воздржаност и смирување на ситуацијата".

Макрон во телефонскиот разговор со иранскиот колега Хасан Рохани, побарал одложување на посетата на шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан на Техеран, предвидена кон крајот на седмицата.

Рохани побарал од Макрон да преземе мерки против активностите на иранската "терористичка група" базирана во Франција, која, како што смета, е вмешана во демонстрациите во Иран.

Во протестите кои минатата недела избиле во неколку ирански градови, досега загинале повеќе од 20 луѓе, а неколку стотини биле уапсени. Протестите почнале поради економски проблеми, но на нив се бара и крај на исламскиот режим и се слушат пароли против властите и ајатолахот Али Хаменеи.