Интервју со Драгана Костадиновска: Вегетаријанката која ја освои публиката

Точка

07/12/2017

12:54

7.080

Големина на фонт

а а а

Во изминативе месеци нејзиниот лик беше секојдневно присутен во телевизискиот етер. Ликот, кој таа го играше во хит серијата „На терапија“ вели е потполно спротивен на нејзиниот карактер и суштина. За разлика од хектичната и импулсивна Зана, актерката Драгана Костадиновска е потполно спротивна, со смирен и кроток темперамент.

Со светло сини очи од кои пробива заводлив поглед, нејзината убавина ја краси и мистичната насмевка, шармот и сензуалноста за кои е особено свесна, но не дозволува да доминираат. Со нозете таа е цврсто на земја 

Во своето портфолио има многу театарски проекти и габаритни главни ликови како во претставите; „Мајсторот и Маргарита“ во режија на Иван Попов, „Животот на Молиер“ на Александар Поповски, „Да тргнеме сењор“, „Свадбата на Фигаро“... И веднаш по нив следуваше и ангажманот во „На терапија“ со кој ја освои македонската публика. За овој разговор Драгана не покани во нејзиниот втор дом – театарот, откривајќи ни ги катчињата каде во тишина и спокој се одмара меѓу пробите и гримиорната каде пред силмно осветленото огледалото го создава ликовите што ги игра на сцената...


Потполно спротивна од Зана

Точка: Пред скоро две недели заврши емитувањето на тв серијата „Терапија“, каде ја игравте главната женска улога. Можете ли да направите едно сиже на сето она што го доживеавте, проживеавте, научивте, искусивте во текот на процесот на подготвување и снимање?

Во втора година од студиите по глума ме поканија да играм во серијата “Обични луѓе“, во продукција на МРТВ и тоа е моето едиственото искуство во тв серии... Се до “На Терапија“. Но, не можам да кажам дека знаев што да очекувам во однос на процесот на снимање. Серијата “На Терапија“ е во секоја смисла поинаков производ, кој бараше поинаков пристап. Искусив и научив многу. Снимањето одеше со исклучоително брзо темпо што кај мене помести некои граници на делување и креација, кои во поинакви (поумерени) услови не би можеле да се допрат.

Точка: Какви беа реакциите, коментарите на Вашите блиски луѓе, на колегите, на луѓето кои верувам Ве препознавале низ градот, за она што го остваривте како улога?

Задоволна сум од реакциите на гледачите, од оние кои лично ми пристапија, како и од оние на социјалните мрежи кои на профилите на “На Терапија“ во буквална смисла развиваа дискусии. Најмногу ми значеше реакцијата од пријателите кои ме познаваат и кои ми кажаа дека тоа што го гледаат на екранот е сосема различен лик од она што сум јас во реалноста.


Точка: Серијата нуди длабока интроспекција на човековите психолошки и емотивни состојби (секако преку ликовите), во кои ама буквално секој од нас се нашол. Затоа и го држеше вниманието на илјадници гледачи... Можете ли да се отворите и да споделите некои моменти во кои се пронајдовте и Вие?

Не се пронајдов во некој аспект од ликот на Зана. Сосема сме различни. Различни во карактерите, темпераментот и начинот на реагирање кон случувањата. Заради тоа и ми е многу мерак и важно што имав можност да го играм нејзиниот лик. Тоа беше исклучителна прилика да се дистанцирам од себе и да се обидам да влезам во друга кожа и за време на снимачкиот ден да се соживеам со потполно поинаков хабитус.

Точка: Беа ли напорни снимањата на долгите сцени? Споделете со нас некое интересно искуство, случка од самото снимање... анегдота... момент...

Снимањето на долгите сцени беше напорно во таа смисла што тоа бараше исклучителна фокусираност, па дури кога ќе завршеше снимачкиот ден сфаќав колку тоа ме исцрпило.


Љубовта е разбирање, простување, слобода

Точка: Дали среќата и задоволството се благородни чувства кои ги носите во себе и од секојдневниот живот? На кои нешта што сте ги изградиле и ги поседувате им се радувате, сте горда (професионално и приватно)?

Сметам дека среќа на некој начин е склоп на околности, но исто така мислам дека чувството на среќа и задоволство се лична одлука. Се радувам на тоа што во кариерата имав прилика да работам во проекти во кои сум уживав и многу ми се допаѓале. Горда сум на нив. Се радувам што имам блиски луѓе со кои имаме искрена и пријатна релација.

Точка: Зрачите со блага енергија и кроткост. Доверливост и смиреност. Колку тука помага Вашето активно практикување јога или пак се е дело на природата?

Се разбира дека вродениот темперамент има свој удел, но секако и дека зреењето и животните искуства го прават своето. Ми се чини дека посмирениот и не многу еуфоричен или избувлив пристап кон нештата и случувањата обезбедуваат побистар ум кој поточно размислува, расудува, реагира.

Вежбам јога и многу ја сакам зашто покрај физичко вежбање вклучува и правилно дишење, а и свесност за секој дел од нашето тело. Мислам дека е тоа корисно зашто заради секојдневните обврски и брзиот начин на живеење забораваме длабоко да вдишеме, а си го забораваме и сопственото тело. Забораваме да се грижиме за него.


Точка: А, колку таа балансирана енергија Ви помага во реализирањето на улогите?

Креативниот процес, особено на сцена, не бара балансирана енергија, токму спротивно, сцената бара крајности, истражување и фантазија.

Точка: Што е љубовта за Вас?

Кога го визуелизирам или дефинирам чувството љубов тоа за мене е широчина, свежина, разбирање, простување, слобода, почит, растење. Сметам дека само кога делуваме од чувството на љубов, тоа само тогаш има смисла. Да се грижам за тој што го сакам, да правам да се чувствува убаво, да сочувствувам и помогнам во непријатните моменти, да уживам искрено во неговата среќа, задоволство и успех, тоа за мене е сакање.

Мечтаам за почисто Скопје

Точка: Како го живеете Скопје?

Скопје е мојот роден град, мојот дом и многу го сакам. Се сеќавам на време кога беше попријатно да се живее тука. Се сеќавам на маалскиот дух на Дебар Маало во кое сум родена и израсната, се сеќавам на градскиот дух на старите скопјани кои зборуваат на скопски, се сеќавам на почитување на околината во која се живее. Уживам во многу аспекти на мојот град, но воопшто не ми се допаѓа тоа што е многу валкан, безобзирно се расфрла ѓубре насекаде, улиците се полни со измет од домашни миленичиња и сообраќајната култура е многу лоша. Жал ми е што често кога излегувам се принудувам да го апстрахирам сето ова за да не се вратам дома нервозна и исцрпена.


Точка: Кои нешта Ве вознемируваат, а кои Ве воодушевуваат и радуваат?

Ме вознемируваат општествените случувања во последниве години. Кризниот период како да допре до нас некакви примални инстинкти кои многумина не успеаа разумно и хумано да ги облагородат и тоа доведе до вознемирувачки постапки, појави и настани. Ме вознемирува кога луѓето не настојуваат да научат човечки да општат, да се разберат и почитуваат и да бидат благодарни. Ме воодушевуваат широки и едноставни луѓе, со отворен ум и топло срце. Ме радуваат и воодушевуват пред се добри театарски претстави, а и други уметнички дела во кои гледам како уметникот уживал во својата креација и процес.  

Точка: Како најмала од трите сестри уживате ли посебен статус кај нив?

Би рекла дека секоја од нас ужива посебен статус кај другите две. Тоа што го имам со нив не е само љубов, туку и поддршка и разбирање кои ми се толку важни. Прават да се чувствувам дека тлото под нозете ми е стабилно додека се тие со мене.

Точка: Каков е Вашиот став за модата?

Ако зборуваме за мода во смисла на облекување, обувки, накит и слично, за себе можам да кажам дека не експериметирам многу, се облекувам прилично едноставно. Тоа е можеби заради тоа што таа потреба за преоблкување, дотерување и експериментирање ми се задоволува со театарски костими и шминка. Сепак многу ме интересира да гледам ревии, светски, на телевизија и од наши дизајнери, како и да гледам модни списанија. Интересни ми се и многу почитувам жени кои имаат некој посебен стил на облекување и се опседнати со тоа да бидат дотерани до најситен детаљ.

Точка: Дали сте избирлива во однос на храната? Која Ви е фаворит, избегнувате да ја вкусувате?

Не би рекла дека сум пребирлива во однос на исхраната, освен тоа што сум вегетаријанка. Се обидувам здраво да се хранам, а најмногу уживам во домашно зготвена храна.


Ме вознемируваат општествените случувања во последниве години. Кризниот период како да допре до нас некакви примални инстинкти кои многумина не успеаа разумно и хумано да ги облагородат и тоа доведе до вознемирувачки постапки, појави и настани. Ме вознемирува кога луѓето не настојуваат да научат човечки да општат, да се разберат и почитуваат и да бидат благодарни. Ме воодушевуваат широки и едноставни луѓе, со отворен ум и топло срце 

Од снимањето на тв серијата „На терапија“



Претставата „Да тргнеме сењор“


Во „Животот на Молиер“ и „Мајсторот и Маргарита“ Драгана ја воодушеви публиката со својата изведба




Убавината ја гледам како грижа за себе. Се забележува веднаш кога некој си посветува внимание и не се запоставува. Се друго е прашање на вкус


Омиленото место во Македонскиот народен театар ми е големата тераса која во текот на целиот ден е облеана со сонце


Во костимот од „Животот на Молиер“

Пишува: Гордана Настевска-Манасиевска
Фото: Бојан Стоилковски



Спонзорирани линкови

Маркетинг