Лука Кортина: Кога кажувам дека вера, љубов, надеж нема, тоа го кажувам свесно знаејќи дека овие три зборови, како зборови и како поими, се најексплоатирани

Точка

07/11/2017

10:16

1.335

Големина на фонт

а а а

„Вера, љубов, надеж“ е театарска приказна за светот во кој парите не стигаат, работните места се во исчезнување и секое ситно прекршување на законите заради најосновно преживување најостро се казнува, една млада жена се обидува да го продаде своето тело на Анатомскиот институт. Токму за претставата разговараме со режисерот Лука Кортина.

Лука, кој е мотивот да се режира една ваква претстава?

Потребата од раскажување и заборување за работите за тоа какви ќе бидат во блиска иднина, во нашиот случај, за жал, за две-три години. Да предупредува, тоа е основната задача на театарот. Тој не постои без својата социјална функција, која треба да се артикулира преку приказните на обичните луѓе, на луѓето од секојдневието. А не да инсистира на големите нации, големите наративи.

Етика пред правен систем. “Вера, љубов, надеж” е тоа што ги прави луѓето луѓе во еден свет каде што вера, љубов, надеж нема. Зошто?

Вера, љубов, надеж не се емоции. Вера, љубов, надеж се ставови што припаѓаат на човекот како човечко битие, а не заради нешто. Вера, љубов, надеж се наисплатливи ствари, се ствари што не можеш ни да ги монетизираш, ниту да ги правдаш. Тоа се дарови на човечкото битие, кои го оспособуваат да оди покрај системите кои сам ги измислува за да се самозатвора. Во “Вера, љубов, надеж” како текст, приказната на конфликтот помеѓу системот и поединецот, не е само приказна на конфликтот помеѓу групи и категории на луѓе. Тоа е приказна за човештвото што се гаси во името на одржувањето на себе си. Кога кажувам дека вера, љубов, надеж нема, тоа го кажувам свесно знаејќи дека овие три зборови, како зборови и како поими, се најексплоатирани, не само во денешниот, туку откако постои и како што ќе продолжи понатаму. Само што, изгледа како целата борба на перверзија, што е дел од човечкото битие, стои на тоа да ги ограничи, дефинира и заузди во полза на нешто друго. Инаку, нашиот поединец, Елизабета од драмата е човек што ги доживува верата, надежта и љубовта без никаква калкулација и без никаква користољубива намера.

Приказната за тебе и твоите дванаесет години поминати во Македонија, во кои никој никогаш не поверува дека е можно да сте дојден овде заради искрена верба во театарот. Какви се тие дванаесет години?

Тие 12 години се 12 години на остварување на еден сон. Големиот дар, ко јас го добив, од овие 12 години во Македонија, со еден многу убав збор, кој денес лошо се користи, да се радикализирам во позицијата која имам кон животот. Позиција која што треба да биде заснована на фактите што даваат смисла на твоето постоење и кога се’ околу тебе те убедува дека овие факти се наисплатливи, непопуларни итн. Моите 12 години во Македонија се години поминати воглавно преку искуството на студирањето. Тие се најубавите години, кои сега со некоја дистанца, можам да ги дефинирам како пресудни во формирањето на мојот став кон животот. За мене ќе бидат незаборавни, не заради некоја носталгија или емотивност спрема Македонија. Јас сум против емоциите. Не се согласувам со емоциите, бидејќи емоциите, во меѓувреме во овие 12 години, станале емотикон. Јас сум против таков свет. Мислам дека овие 12 години ќе останат незаборавни и неибришливи за мене заради искуството на формативноста, потребно за понатаму да се шири и надградува моето животно искуство. Не барам никаква позиција, ни од Македонија, ни од Италија.

Каков е спојот на режисерот и глумиците, лесно ли е да се најде Елизабета?

Значи, како прво, прашањето “каков е спојот на режисерот и глумиците” е сексистичко и манипулативно. Постои само спој помеѓу фреквенциите на уметниците. Уметноста нема пол и никогаш не треба да го има. Освен тоа, ако ме прашувате за кастинг, јас не барав личност со еден одреден изглед, туку особа со еден одреден резон што го изведува од сопствениот живот, од сопствената биографија, од сопствениот став и што доаѓа од мојот и нејзиниот инстинкт. Глумицата што ја кастирав за оваа улога, е составен дел од уметничкиот план на проектот. Тоа беше услов за правење на претставата. Таа глумица, треба да биде јасно, дека не е глумица која претходно имала било каква поврзаност. Таа е личност која едноставно носи многу со себе. Меѓудругото, Наталија Теодосиева е прототип на тоа какви треба да бидат современите глумци и глумици во македонскиот театар, па и пошироко. Интердисциплинарни и храбри. Така, Наталија Теодосиева, во однос на она што го зборував претходно, станува една НАДЕЖ за следните години, за кои сите предвидуваат дека ќе бидат тешки со новото враќање на фашизмот. Иако нема да бидат брендирани како фашизам кој сите го знаат, фашизмот е многу итра работа. Присутен во главата на сите луѓе, затоа што секој од нас ја има потребата и најмалата моќ да ја искористи за да гази некој послаб околу себе. 


Велат штиците живот значат, што е потребно за да се подготви претстава на тие штици?

Се надевам штиците ги разбирате во метафоричка смисла, не само како парчиња дрво. Претставите не се столарија. А од друга страна, за да направиш претстава најпрво ти требаат глумци, а потоа се’ друго.

Лука, роден сте во Фиренца, а живеете во Скопје, може ли да направите споредба?

Јас сум роден во Фиренца и таму поминав 24 години, потоа дојдов во Скопје и како што кажав, тука го формирав мојот став кон животот. Мене не ми е потребно да правам никаква споредба. Можам само да разговарам околу тоа дека е вистина дека постои можност да се живее светот. Без да зборуваме за пасоши и визи, тоа не е проблем на географија. Тоа е проблем на менталното расположение кон различностите. Тие различности или ги прифаќаш, а тие за возврат ти даваат богатство или не ги прифаќаш и потоа можеш да седиш и да кукаш цел живот, како што се вели во еден познат текст на Брехт “државата не чини, а вие: државата не чини”.

Во неколку реченици да ја опишете Македонија, лесно ли беше да го научиш јазикот?

Македонија е земја која што треба да се гордее и да се убеди дека нејзината специфичност и убавина е заснована на различни, дури би рекол и обратен принцип на другите нации, не само околу своите граници, туку и во овој дел на светот. Многу ми беше возбудливо да фо учам јазикот затоа што е толку длабоко различен од јазиците што ги знаев претходно. Воедно беше и откривање и примање на еден друг начин на функционирање на мозокот. Имав прилика да го учам директно во Македонија, без предзнаења и луѓето што ме запознаваа ми велеа дека зборувам на струмички дијалект, веројатно заради луѓето со кои поминував најмногу време. Но, со различни друштва сум ги поминал сите дијалекти и акценти, нијансите во македонскиот јазик се само одрази од еден ист дијамант.

За крај да ги поканиме читателите да ја погледнат претставата “Вера, љубов, надеж”...

Ги поканувам читателите да дојдат да ја гледаат претставата “Вера, љубов, надеж”, затоа што ќе имаат можност да гледаат нешто необично и несекојдневно. Несомнено дека јаката страна на претставата е прифаќањето на предизвикот од страна на сите фантастични актери да бидат изведувачи на музиката во живо. Некои од нив научија да свират на инструментикои прв пат ги фаќаат во раце, благодарение на композиторот Љупчо Константинов. Ги поканувам читателите, да ја гледаат оваа претстава затоа што дизајнот е изработен од најбогатите визуелни уметници кои сум ги запознал во оваа држава како Марија, Мери и Ѕвездан. Читателите се поканети да бодат допрени од нешто поинакво од нивните скорешни навики. 



Спонзорирани линкови

Маркетинг