Јана Стојановска: Ја пронајдов љубовта, ама не откривам ништо за тоа

Точка

31/10/2017

18:39

21.033

Големина на фонт

а а а

Кога луѓето со кои среќаваме ќе ја почувствуваат почитта кон нив и прифаќањето на нивниот свет, нивното дело и личност, тие се подготвени да се отворат уште повеќе. Да откријат нови димензии од себе, дотогаш непрозборувани јавно. Дотогаш неоткриени. Таква синергија се создаде и на средбата со младата актерка, со душа на пеперутка. Не случајно многу нешта ѝ се поврзани токму со еден од најубавите крилати инсекти, симбол на метаморфозата, на духовното растење, распеаноста, упорноста и убавината.


Инспиративна, интересна за разговор, кревка, а истовремено и силна. И убава. Со очи бистри и сјајни. И длабоки. Родена е во актерско семејство: внука на доајенот на македонскиот театар и филм Ацо Јовановски, ќерка на глумците Ненад и Силвија Стојановски и сестра на Ана Стојановска, која јавноста ја познава од многу филмски и театарски проекти, како и музички спотови. Играла во многу претстави на различни режисери: „Венецијански трговец“, „Атена со пенис“, ?????? Но, филмот и е сепак омиленото уметничко „прибежиште“.

Своите таленти Јана Стојановска (32) ги истражува и открива и во музиката. Има снимено неколку песни, а пеела и во театарски мјузикли и концерти на нејзини колеги од земјава и странство. Освен овие две примарни интереси, со голема љубопитност нурнува и во други области како астрологијата, психологијата, антропологијата и духовната литература... и има што да сподели.


Е, сега сум глумица!

Веќе две години живее сама во својот дом лоциран во скопската населба Водно. Преубава мала куќичка со интимен двор, омилената територија на нејзиното милениче Катја (куче од расата Шнауцер). И летниковецот е поставен таму, во совршен за седенки со блискиот и малуброен круг на пријатели во топлите месеци од годината. А, кога е ладно надвор е зад пијаното на кое ги компонира нејзините песни или чита жанровски разновидна литература.


Два нови проекти, по чие реализирање, како што ни откри може себе си да се нарече актерка. Во моментов работи на подготвување на театарскиот мјузикл „Мама Миа“ во режија на Наташа Поплавска, а улогата на која е особено горда е во новата серија на српскиот продуцент, актер и режисер Драган Бјелогрлиќ, насловена „Сенките на Балканот“, па сподели: 

Јана: По овој ангажман може да кажам: ‘Е, сега сум глумица‘. Дотогаш не стоев сто отстотно позади тоа. За мене не е глумецот комплетен ако не се испробал и во театарот и во филмот. Само што го завршивме снимањето на серијата „Сенките на Балканот“, која веќе од минатата седмица се емитува на МТВ. Серијата опфаќа балкански малверзации со шверц на опиум, на маак. Главните шверцери во минатото кои го носеле маакот во Белград биле македонци. Играм прекрасен лик. Тоа е Јована, сестра на главниот револуционер лик кој го игра Тони Михајловски. Што значи со Тони во серијата сме брат и сестра (се смее). Среќна сум што сум дел од тој проект. Прв пат се чувствувам вистински вклучена во филмско уметничко дело.


За неа оваа улога значела потврда на нејзиното вложување и талент. Тука, во Македонија, чувствува Јана луѓето не вреднуваат соодветно. Нечиј квалитет го согледуваат дури откако тој/таа ќе биде признаен во странство. Во контекст на ова додаде:

Јана: Кај нас во изминатиов период се снимија неколку тв серии и во ниту една не бев повикана да играм.

Тв серијата „Сенките на Балканот“ за кој смета дека допрва ќе биде хит е снимана во Белград, во околината на Битола и Ресен и во Баранда, филмскиот град изграден од Бјелогрлиќ.

На тема театар долг период призна таа дека не била активна. И вели: - Ни самата не знам зошто не бев повикана во ниту еден проект“. Но, сите во кои играла досега ѝ се драги, особено претставите на режисерите Синиша Ефтимов и Наташа Поплавска.

Јана: Неа би ја извоила официјално како најдраг македонски режисер. Верувам во енергија. Наташа има особено интересна од која постојано чувствувам „пеперутки“ во душата. Се радувам што заедно го подготвуваме театарскиот мјузикл „Мама Миа“, кој верувам ќе донесе многу возбудливи нешта – ни кажа.

Токму пеењето е она на кое сака да се посвети во блиска иднина. Има глас, талент или како што таа вели: „Дај од Бога“, ама смета дека треба уште многу да работи на техниката на пеење. 

Кога сфатив колку не знам, сè се промени на подобро

Со искуствата и постојаното себе-набљудување станува објективна и свесна не само за професионалните вложувања, туку и за себе како личност. Во последните две години ѝ се случиле големи промени и ѝ донеле убави нешта. Спознала дека најважно е да биде добар човек. 

Јана: На училиште тргнав една година порано и цел живот имав чудно чувство дека каскам зад моите врсници. И сега на 32 години кога ќе погледнам околу себе повторно немам пријатели кои се моја генерација. Или се повозрасни или се многу помлади од мене. Интересно е што луѓето почнуваат да се развиваат во одговорни работници некаде околу 25-тата година од животот. За мене тој процес почнува дури сега. Независно од тоа какви ангажмани имам, туку едноставно така се чувствувам.

 

Тоа што е порасната во актерско семејство го смета и за добивка, но и за терет. Горда е на гените и пренесениот талент за глума од нејзините предци. Неубавата страна на сето ова е што од мала сметала дека знае се за глумата и дека подоцна не била подготвена да се прилагоди на многу ситуации и да прифати одредени совети. 

Ми требаше многу време да се соочам со фактот дека има уште многу работи кои треба да ги научам. Мислев дека се знам (се смее). И се соочував со различни животни пречки. Имам чувство како да почнувам се од почеток, иако сум сметала дека сум на крајот. Тоа сега јасно го согледав. Се соочив со моето тело на сцена, со тоа дека немам потполна контрола врз се што правам, дека не е едноставно да дојдам до вистината... Кога се родив моите родители беа познати актери, кога наполнив 10 години веќе беа во пикот на кариерата и меѓу нив сметав дека го знам она што ти го знаат... Ама не било така! – ни зборуваше Јана.


Од овие искуства сфатила дека единствено ќе успее со многу работа, нешто на кое досега не била навикната зашто по природа како што со насмевка сподели, се сметала себе си за конформист и додаде: "Мора да се помине целиот процес на учење ако сакаме да дојдеме до храмот на знаењето."

Откако почнала да согледува каде погрешила и каде не се потрудила доволно, нејзиниот живот добил на квалитет. Тогаш и се преселила во нов дом потполно грижејќи сè сама за себе.

Јана: Не е ова мое прво самостојно живеење. Тоа го искусив кога се преселив во Софија, каде две години студирав актерска игра. Единствената добивка е што научив да го зборувам и пишувам бугарскиот јазик, кој пак ќе ми биде од голема корист во учењето на рускиот јазик. Се на сè, не ми се допадна тамошниот живот.

Научив да ги разбирам сите

Не се само преставите и филмовите она што го „окупира“ нејзиното внимание. Пред само неколку месеци стана студентка на отсекот за Психологија на МИТ. Размислувала да запише студии по филмска режија, костимографија, па дури и шминка, ама сепак на крајот ја избрала омилената наука – психологијата. Ништо не ја возбудува како истражувањето на човековата психа, па сподели:

Јана: Од малечка бев фасцинирана од човековиот ум и читав многу книги на таа тема, како и на тема астрологија. Психологијата нуди можност за бесконечно истражување на нашата свесност, а астрологијата еден сосема поинаков пристап и затоа сакам кога ги комбинирам и двете дисциплини. Сфатив дека досега во односот на другите луѓе сум тргала само од свој ракурс. Дури и ги осудував луѓето за некои нивни постапки, што е сурово и нереално зашто секој има своја вистина. Ако сакаме да сме добри со луѓето треба и да ги разбереме.

Луѓето според неа поседуваат две страни: еден прекрасен и еден лош човек. Колку повеќе се освестуваат вели таа, толку повеќе го стивнуваат оној негативниот аспект од себе. Но, за жал додаде во светот надвладуваат лошите луѓе кои одлучуваат за важни нешта. Затоа ги обожува животните и отсекогаш во нејзиниот дом имала миленичиња. 


Јана: Тоа е поврзување. Чиста љубов. Отсекогаш сонував за тоа. А верувам и сите луѓе. Сакаме да се почувствуваме како целина, но и да се поврземе емотивно со друга личност. Еден вид аватар конекција. Ултимативна љубов!

Токму на таа тема љубов, партнер и не сакаше да зборува и само додаде: „Го најдов. Постои, но не би сакала да откријам за тоа ништо“.

Фокусот и е насочен кон многуте активности во текот на денот. Иако астролошки во однос на хороскопскиот знак е на граница меѓу Водолија и Риби, потврди дека по 30-тата година и доминира подзнакот – Стрелецот, кој ја „тера“ на работа, на акција. Според неа најстрашните нешта луѓето ги прават од здодевност, а од мрзелливоста и се создаваат неволјите. Еден од омилените зборови и е „глагол“ и затоа има многу интересно објаснување:

Јана: „Азбуки Види Глагол“. Антропологијата а сметам за фасцинантна наука од која може многу да се научи. Старите Словени од кои длабоко верувам дека и ние како народ носиме спиритуален дел, ја создале глаголицата која е куса молитва. Започнува со АЗ. БУКИ значи дрво. Јас како дрво стојам право, имам живот и имам смрт. Јас сум столб. ВЕДИ е вода без која не можеме да живееме и е хоризонтална и го пресекува дрвото. Оттука дури и велат дека излегол христијанскиот крст. Следниот збор е ГЛАГОЛИ и значи работи, прави нешто. Тоа е многу важно во животот да правиме нешто. Парите се новата религија и го окупираа светот. Банката е новата црква и сите сме потчинети на тоа. Но, работата која му е дадена на човекот од Бога ние секогаш ја поврзуваме со пари. А, не е така!


Затоа решила дека ќе ги прави сите нешта кои ја интересираат, а не се поврзани со заработка. Затоа запишала студии по психологија, повеќе свири пијано, пишува мои песни, вежба... Сака на крајот на денот сака да легне уморна. 

Пишува: Гордана Настевска Манасиевска
Фото и видео: Бојан Стоилковски
Фризура и шминка: Фросина Ангеловска, модно студио „Фран“

Бонус

- Меѓу неколкуте класични песни кои знам да ги свирам, на мојот репертоар има и неколку турбофолк хит песни, меѓу која е и „Мој Београде“ за Цеца Ражњатовиќ. Песната исвирена на пијано звучи сосема поинаку. Генијална е!

- Омилената руска песна ми е „Катјуша“. Моето куче е именувано токму според таа песна. Иако беше забавно кога дознав дека песната е всушност за руски тенк од Втората светска војна (се смее).


- Кога почина татко ми дојдов дома и слушнав еден чуден звук на прозорецот. Се приближив и најдов мртва пеперутка. Ја зедов и ја ставив во една кутија, ама подоцна поведена од мнението на луѓето дека не се чува мртов инсект дома, ја фрлив. И денес жалам за тоа. По само неколку месеци мојот драг пријател Ико Каров за роденден ми донесе пеперутка филигран. Бев во шок! Се ми е поврзано со пеперутката. Дури и мојот пријател режисерот и писател Александар Русјаков во неговата збирка поезија ми посвети една поема која ја насловил „Девојката со пеперутка на градите“. Го прашав: „Зошто токму тој наслов?“ Ми рече: „Така те почувствував“.


- Пред неколку години имав момче во Братислава. Му бев на гости и еден ден додека шетавме влеговме во една преубава проданица за музички кутии. Од многуте што беа изложени интуитивно ја избрав оваа и кога почна да свири се сеќавам дека реков: „Оваа кутија миу свири како душата“. Подоцна ја пронајдов и песната и текстот... Прочитајте го. Се е јасно (се насмевна).

- Ја обожувам Одри Хепберн. За мене е не само филмска, туку и модна икона. А, и имаме исти кркми (се смее).


- Четири години учев да свирам на пијано и за сето тоа време имав отпор кон инструментот. Дури кога престанав да го учам го засакав. И оттогаш свирам скоро секој ден.


- Родена сум во семејство на глумци. Да имаше барем еден музичар мислам дека повеќе ќе се насочев кон музиката, а не кон театарот кој речиси и веќе воопшто да не ме интересира. Ама филмот да!

- Коњите ми се првата љубов. Јавам од 7 годишна возраст се до денес. Кога сум со нив чувствувам слобода и љубов.

- Од ноември минатата година имам сосема поинаков режим на исхрана од претходно. Исфрлив од менито се што е нездраво, а исто и алкохолот. И се чувствувам прекрасно. Сега овој ноември одлучив и да престанам и да пушам цигари. Не користам кремови за лице, ниту правам посебни третмани за нега. Зашто не верувам во козметика. Имам добри и здрави гени за што сум и благодарна на природата. Внимавам што јадам и вежбам.


- Бразлетната има особено значење за мене, а ѓерданот од „Сваровски“ ми е подарок од многу драг човек.


- Верувам во нешта кои не ги гледаме, а постојат. Тука се. И кои не ги користиме. Верувам во енергија, во љубов. Во интуиција. Од малечки не учат: „Ова треба вака. Ова така...“ Но, целта ќе ја постигнеме само ако се следиме себе си, а не било чии туѓи правила.


- Во мојот плакар имам многу пара чевли од дизајнерската куќа „Лаботин“. А, овие ми се едни од омилените.


- Домот ми е преполн со книги на кои одново им се навраќам.


---

- Кога бев помлада ми беше тешко да најдам соодветен начин за да кажам „не“, особено на мажите кои ми се додворуваа, а без да бидат повредени. И секогаш наидував на различни реакции. Како проѓа времето сфатив дека луѓето нема да се срамат да ми земат. Што и да е во прашање. Во тој аспект најтешко ми беше со мажите. Се сметам за амбициозна личност и за жал, многу соработки се уништиле зашто луѓето ја гледаа само сексуалната страна од таа соработка. И кога тоа ќе се случи било кој добар проект „пропаѓа во вода“. Не сум подготвена со нив ништо да делам

- Немам пријателки. Не одам на кафе пиење. Се што правам настојувам да ми е поврзано со „глагол“. Дел од мојата приватност ја делам со мајка ми и сестра ми. Имам многу машки другари. Не знам дали влегува тоа во социјални норми, ама мене мажите ми се многу подобри пријатели од жените.




Спонзорирани линкови

Маркетинг