Алена Зајцева, 20-годишна ќерка на тајкун и мултимилионер од Украина, убила 5 лица, а голем број повредила, кога покосила пешаци на тротоар.
Тешката сообраќајка се случила во украинскиот град Харков, кога младата наследничка на украински олигарх со џип марка "Lexus" удрила во "Tuareg", а од јачината на ударот нејзиното возило се превртело преку кровот и повторно застанало на тркалата, за потоа да удри во група луѓе кои стоеле покрај патот. Алена не била повредена во судирот.
Иако медиумите пренеле дека шест лица загинале во несреќата, украинското Министерство за внатрешни работи издало соопштение во кое се наведува дека загинале пет лица, а дека две жени се во тешка состојба. Меѓу загинатите има и 15-годишно девојче, а тешко е повредена бремена жена.
Како што пишуваат медиумите, на самото место веднаш пристигнале два џипа со вооружени телохранители, кои Зајцева ја штителе од бесните сведоци на несреќата.
"Беше како на бојно поле", рекол еден од очевидците на трагедијата. На интернет набрзо се појавила и снимка од местото на несреќата на која се гледаат тела кои лежат неподвижно на патот.
Зајцева е ќерка на мултимилионерот Василиј Зајцев, директор на локална енергетска компанија.
Полицијата соопштила дека Алена, на која и е одреден 3-дневен притвор, во моментот на несреќата не била под дејство на алкохол. Доколку биде осудена, и се заканува казна затвор од 10 години.






