Владата си отвори пат за поголемо задолжување на домашниот пазар

Макфакс

11/10/2017

00:57

510

Големина на фонт

а а а

На предлог на Министерство за финансии, Владата денес усвои измена на Одлуката за утврдување на максималниот износ на ново задолжување преку издавање државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар за 2017 година. Одлуката за задолжување на домашниот пазар е донесена поради тековните поволни услови во споредба со условите на меѓународниот пазар, и поради интересот кај инвеститорите во домашни хартии од вредност.

Исто така, врз основа на заедничкото мислење на Министерство за информатичко општество и администрација, Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство, Владата ќе упати предлог до Уставниот суд да ја запре постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски текомуникации.Согласно со ова мислење, членот 175 од Законот за електронски комуникации воопшто не навлегува во постапката за следење на комуникациите затоа што, според Амандманот XIX од Уставот, само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон може да се отстапи од правото на неповредивост на комуникациите. Оттука, според ова мислење усвоено од Владата, Законот за следење на комуникациите може да биде предмет на оценка во однос на неговата уставност, но не и членот 175 од законот одделно.

Министрите во Владата денеска ја усвоија и информацијата во врска со статусот со четвртиот јавен повик за финансирање проекти во рамки на два инструменти на Фондот за иновации и технолошки развој, со предлог-решенија за отворени прашања. Управниот одбор на Фондот ќе објави меѓународен оглас за избор на нови членови на Комитетот за одобрување на инвестиции, и ќе ја започне постапката за повторно доставување на предлог-проектите за доделување средства согласно со Законот за иновациската дејност. Со оваа одлука ќе се овозможи пласман на предвидените 90 милиони денари, кои по оваа основа ќе бидат распределени на мали и средни претпријатија за одобрените иновативни решенија во нивната работа.

На денешната владина седница е разледана и информацијата за прогресот на проектот „Листа на должници“ за периодот април 2017 – јуни 2017 година и за спроведени законски постапки кај даночните должници од листата.

На предлог на Упрвата за заштита на културното наследство, владата донесе одлука за прогласување на Спомен – куќата на Лазар Личеновски, во Скопје, и Црквата Св. Ѓорѓи Победоносец во с. Младо Нагоричане, во општина Старо Нагоричане, за објекти од културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење. Исто така, Владата ја овласти министерката Рената Тренеска Дескоска да ја потпише декларацијата за намери за основање меѓународен институт на Југоисточна Европа за одржливи технологии.




Спонозорирани линкови

Маркетинг