Со 82 гласа „за“, без ниту против и воздржан пратениците го изгласаа Законот за материјалното обесштетување на стечајните работници.
По гласањето ,следуваше аплауз во салата од страна на пратениците од парламентарното мнозинство. Претходно, тие побараа поддршка од опозицијата тврдејќи дека законот не е популистички, туку исправање грешка од минатото нанесена на група граѓани. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го поддржаа законот, иако имаа забелешки дека стечајците со него не се во целост опфатени.
Денеска, во Собранието присутни беа и претставници тена здружението УНИТ, кои со години вршеа притисок врз власта за донесување овој закон. Лилјана Георгиевска, претставник на здружението, порача дека борбата за правата на стечајците не застанува, тука дека ќе вршат и притисок врз власта да бидат обесштетени и другите стечајци што не се опфатени во законот.
„Можам да кажам дека упорно се боревме, истрајавме во нашите маки и дочекаме да се донесе законот кој речиси 15 години го чекавме. Стечајните работници се запознаени со процедурата, ги имаат сите документи и од 15 октомври ќе почнеме со аплицирање за финансиската помош. Со законот остануваат уште 500 незгрижени лица, кои доаѓаат од фирми што во транзицијата од државна сопственост се трансформираа во акционерски друштва. Ние ќе вршиме притисок за измена на законот за да може и тие да си го остварат своето право“, рече Георгиевска.
Инаку, со Законот за материјалното обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата опфатени се приближно 3.000 лица кои ќе добиваат месечен надомест од по 8.356 денари, односно 34 проценти од просечно исплатената месечна нето-плата минатата година.







