Иранската револуционерна гарда тврди дека нивни агенти успешно се инфилтрирале во американските командни центри и пронашле документи кои што ја потврдуваат соработката на САД и ИСИС.
Генералот Амир Али Хаџизадех, висок ирански воен функционер во разговор за иранските медиуми откри дека припадници на Иранската револуционерна гарда успешно се инфилтрирале во американските командни центри и таму пронашле контроверзни податоци.
Имено, како што тврди иранскиот генерал, нивните агенти пронашле документи кои што ја потврдуваат поврзаноста помеѓу Соединетите Американски Држави и терористите на Исламската држава кои што оперираат на Блискиот исток и Северна Африка.

„Имаме документи кои што покажуваат што правеле Американците во Ирак и Сирија. Знаеме што направиле и како ја поддржувале Исламската држава“, изјави генералот Хаџизадех, пренесува иранската новинска агенција „Прес ТВ“.
Од иранската Револуционерна гарда порачале дека документите ќе бидат објавени кога ќе добијат зелено светло од државниот врв.

Да потсетиме, ова не е прв случај ирански извори да ги обвинуваат Американците за соработка со Исламската држава. Иако ваквите обвинувања изгледаат прилично сериозно, сепак без никакви докази сето ова ќе се претвори во обична фарса, затоа што е јасно дека Иран сака да ја оцрни улогата на САД во Ирак и Сирија.






