Самсоненко се премисли – останува во Вардар: Ќе се борам со сите неправди!

Дерби

15/09/2017

11:49

6.576

Големина на фонт

а а а

Сопственикот на „Вардар“, Сергеј Самсоненко, на прес-конференција објави дека и понатаму ќе остане и ќе ги помага двата ракометни и фудбалскиот клуб.

– Дозволете најпрвин да Ве поздравам сите што сте тука и да ви пренесам за мојата одлука која ја донесов. Одлуката за напуштање на семејството Вардар беше донесена избрзано со жешка глава, пред се зошто на мојот грб непотребно се напишаа еден тон невистини од страна на одредени медиуми, со што сè ми се насобра на срце. Тие медиуми, немаат ни срам ни совест. Тие сo своите приказни кои ги измислуваат, тие се предавници на оваа држава, зошто сакаат лошо да и направат. Јас не направив ништо лошо, напротив ја засакав оваа држава како моја. Правев само добри работи. Така и ќе продолжам. Ќе останам во Вардар и ќе работам да направам големи успеси. Заедно со сите поддржувачи без разлика на било која националност, вера или партија, ги поканувам сите заедно да се бориме против неправдите. И ќе успееме, – дециден е Самсоненко.

Потоа, тој се надоврза и за цената на стадионот која пред натпреварот против Зенит во Лига Европа беше трикратно зголемена. Во изминатите години Вардар плаќаше 12.000 евра за еден натпревар, додека оваа година, непосредно пред првиот дуел, киријата беше трикратно зголемена од сопствениците на стадионот.

„Би сакал да кажам нешто и за стадионот и за цената која му беше поставена на Вардар. Нашите соседи Ц. Звезда и Партизан ми дадоа информација за трошоците, клубот плаќа по 30.000 евра годишно, плус трошок за користење на рефлекторите и струјата. Плус-минус 500 евра по натпревар. Исто така, побарав информации и од Бриж, Белгија. Таму се Клуб Бриж и Серкл Бриж, кои имаат големи бенефиции и не плаќаат како тука. Се надевам дека власта ќе ја земе работата во свои раце и ќе ги преземат сите мерки да застанат зад Вардар и ќе застанат за клубот“, додаде Самсоненко.

За крај, сопственикот на Вардар кажа нешто и за мечот во Лига Европа на кој македонскиот клуб беше поразен со високи 0-5.

„Ние заслужуваме само критики, честитки за Зенит. Лошо одигравме, целосно потфрливме. Не е за оправдување, но нашите момци заслужуваат поддршка. Нашето мислење е дека фудбалерите изгореа во желба. Има лош ден и во фудбалот, тежок е поразот, но наше е сега да се сплотиме и да продолжиме. Од овој пораз ќе извлечеме поуки и ќе бидеме многу посилни. Тоа не беше вистинското лице на екипата“, заврши Самсоненко.

Русинот во македонскиот спортски бренд почна да инвестира од 2012 година, а успеа фудбалскиот клуб да го однесе во Лигата на Европа, машкиот ракометен клуб до европскиот трон, а девојките до среброто во ЛШ.

Сергеј Самсоненко на денешната прес-конференција на клубот ги обелодени најавите дека Вардар ќе гради нов стадион, односно дека бара земјиште за истото.

Значи, конечно во иднина Вардар ќе може да настапува на 100% свој стадион.

Досега Вардарци често пати поради нејасни причини мораа да ги одигруваат натпреварите во населбите Ѓорче Петров и Маџари. 

Останува да видиме дали новиот стадион ќе биде во населбата Карпош или на друго место.



Спонзорирани линкови

Маркетинг