Павле Данилов со првиот освоен трофеј во Снукер надвор од границите на Македонија

Точка

19/08/2017

15:52

7.007

Големина на фонт

а а а

"Бугарија е на највисокото ниво на популарност на Балканот. Кај нив можеме да забележиме млади деца на возраст од 13 до 18 години кои котираат високо на јуниорските ранг листи во Европа", вели Павле.

Павле Данилов за Точка интервју


Честитки за освоениот турнир. Што всушност се случуваше минатиот викенд во Ќустендил, Р.Бугарија?

Благодарам за честитките. Минатиот викенд во Ќустендил се одржа 6-тиот традиционален турнир во Снукер – Ќустендил Класик Опен 2017. На турнирот учествуваа 18 играчи, од кои 16 беа од Бугарија и 2 од Македонија. Лазар Лазаревски од Македонија беше за прв пат на натпреварување на интернационален турнир во Снукер, додека за мене ова беше веќе 6-то учество надвор од Македонија, односно во соседна Бугарија. Минатата година бев за прв пат учесник на истиот, 5-ти по ред традиционален турнир, а оваа година по втор пат, со што го постигнав најголемиот успех во мојата Снукер кариера. Можам да се пофалам дека полуфиналниот и финалниот натпревар беа моите најдобро изиграни натпревари до сега. Во полуфиналето му се реванширав на еден од највисоко рангираните играчи од Бугарија - Иван Ќупов од Пловдив, со 3:1, кој годинава во Софија на турнирот “Emotion Open 2017” ме победи и ме дисквалификуваше уште во првото коло. Во финалето се сретнав со Александар Хубанов, кој во моментов се смета за најталентираниот играч во Бугарија и има само 16 години. Го совладав со тесен резултат од 4:3, со што се надминав себе си и успеав да им покажам на соседите дека сепак имаат конкуренција. Лазар во своето прво учество во странство ги помина квалификациите, но потоа во осмина финалето беше совладан од Стефан Сименовски од Софија. Учесници на овој турнир беа поголемиот дел од најдобрите играчи од Бугарија, со потекло од Софија, Пловдив, Мездра и Ќустендил. Турнирот беше организиран на високо ниво и се се одвиваше во најдобар ред.

Дел од играчите и публиката на турнирот


Какво е значението на освоеното прво место на овој турнир за тебе лично, но и воопшто за Снукерот во Р.Македонија

Ова е мојот најголем успех до сега во Снукерот. Во 5 години активно натпреварување, имав освено неколку први места на турнирите кои се одржуваа кај нас. Освоив и две сезони – првенства, кои се и единствените организирани во нашата држава од страна на клубот за кој играм – Гран Клуб. Во останатите три години бев второпласиран на овие првенства. Чувството што ми се роди по овој успех е неспоредливо. Се работи за прва интернационална титула во историјата на Снукерот во Македонија, и тоа, на турнир каде учествуваат најдобрите играчи од Бугарија, држава во која Снукерот е многу блиску до нивото на земјите во кои е најразвиен овој спорт. Можам кажам дека со овој мој успех ми се покрена нивото на самодоверба во играта на многу повисоко ниво од било кога, а воедно и ја пробив бариерата на вербата дека можам да дадам отпор на високо рангираните играчи, но, најважно од се е дека чувствувам дека родив инспирација кај останатите наши играчи, да почнат да завземаат учество во интернационалните натпреварувања, и со тоа можност за освојување на поголеми титули од локалните.

Доделување на пехарот, организоторот на турнирот му го врачува пехарот на победникот - Павле Данилов


Од кога почнува твојот интерес кон снукерот и како се движи твојата Снукер кариера?

Во 2010 година се пријавив во последната организирана професионална клубска лига на “Билјард Клуб КМ - Скопје”, што значи најпрво започнав со Билјард, сроден спорт на Снукерот. Во клубот имаше и Снукер маса со реална големина од 12ft, па таму за прв пат пробав да играм со пријателите. Ми изгледаше многу тешко, неспоредливо тешко во однос на Билјардот. Поголема маса, помали топки, потесни дупки и тн., но многу поинтересна од Билјардот, бидејки бара повеќе мислење, стратегија и надмудрување. Подоцна дознав дека се отворил клуб во Скопје во кој има исто така професионални маси за билјард, како и Снукер маса со идентични димензии по стандардот на кој играат професионалците во светот. Продолжив со Билјард уште 2 години и освоив неколку медаљи на локалните првенства и учествував на два интернационални турнири. Во текот на 2013-та година почнав се почесто да играм Снукер. Во 2014-та година се повлеков целосно од Билјардот и се фокусирав само на Снукер, па така започна мојот вистински напредок и кариера во овој спорт. 30 годишна возраст за започнување на овој спорт е премногу висока граница, но, мојата лична желба да докажам дека возраста не е важна кога се сака нешто, беше уште поголема мотивација да тренирам и да постигнувам успеси. Оваа година, јас и уште двајца наши играчи земавме обука за тренери од Европската Асоцијација за Снукер и Билјард (EBSA) и во наредните месеци сме ставени на сериозни обврски и строги тестови за да можеме да бидеме наскоро и сертифицирани. Со ова можам да кажам дека мојата кариера се движи најмногу кон обучување на нови млади вљубеници во овој спорт, но, секако и кон нови и поголеми титули. Наскоро планирам да ја посетам Словачка, бидејки од Братислава добивам неколку пати покани за учество на нивните отворени турнири. Таму ме чекаат нови предизвици и натпревари со уште подобри играчи од оние со кој сум се соочил до сега.

Лазар Лазаревски - Снукер играч во БСК Гран Клуб, учесник на турнирот во Ќустендил - Класик Опен 2017


Какво е твоето гледиште за Снукерот во Македонија? 

Жално е што во изминтатите 3 години наместо да се зголеми бројот на Билјард и Снукер клубови во државава, истиот се намали. Според мене, овие видови на спортови, или пак, за некои перцепирани како вид на друштвени игри, се едни од активностите кои не тераат да бидеме комплетно активни на ментално и физичко ниво, во натпреварувачки дух и оттргнати од модерните виртуелни компјутерски светови. Најмногу ме радува фактот дека “Eurosport”, како најпопуларен странски спортски ТВ канал, пренесуван од сите телевизиски оператори кај нас, во изминативе години го зголеми прикажувањето на Снукер натпревари и предизвика да речиси секој трет човек кај нас, ако го прашате што е Снукер, ќе знае да ви одговори поточно, или пак, дека му е познато има малку гледано на ТВ. Факт е дека Снукерот кај нас е веќе нешто чуено, за што се збори и помеѓу помладите и помеѓу постарите. Имам слушнато дека кога е во тек Светското првенство, некои луѓе седат пред телевизор и гледаат Снукер и до 10-тина часа на ден. Ова е многу важно, бидејки луѓето почнуваат да ја разбираат убавината, но и комплексноста на овој спорт. Важно е за возрасните да ја познаваат вредноста на спортот, за да можат да им дадат шанса на своите деца да се пронајдат во истиот уште во раната возраст, кога е видлив потенцијалот, па, доколку го имаат, потоа и да го развиваат. Кај нас активните играчи се претежно на возраст од над 20 години, но најверојатно поради нашите зголемени активности поврзани со Снукерот во клубот, оваа година како да ги привлековме, и ете, пред извесно време се пројави интерес од неколку деца помлади од 15 години, кои сакаат да започнат со тренинзи. Искрено, имам надеж дека ќе расте овој број на заинтересирани деца, како и дека ќе се појави конкуренција од нови клубови. Како што кажав претходно, во фаза сме на лиценцирање од страна не “EBSA”, така што, наскоро ќе можеме да регрутираме нови играчи и во наредните неколку години очекувам да имаме десетици нови добри играчи, кои ќе имаат квалитет да не претставуваат и надвор од земјата. Во очекување сме и за поголеми залагања од страна на Билјард Снукер Федерацијата на Македонија, кои секако ќе ги помогнеме и поддржиме. Конзистентноста на веќе стабилен број играчи кои партиципираат во лигата, интересот на млади играчи, организирани настани за промоција на Снукерот во клубот, можноста да се тренира по највисоките светски програми, па и на крај овој успех во соседна Бугарија се доволно аргументи да овој спорт биде многу посериозно третиран и потпомогнат од сите јавни институции надлежни и поврзани со спортот во Македонија.


Павле Данилов - најдобриот Снукер играч во Македонија


Како котира популарноста на Снукерот во регионот?

Веднаш ќе кажам дека Бугарија е на највисокото ниво на популарност на Балканот. Кај нив можеме да забележиме млади деца на возраст од 13 до 18 години кои котираат високо на јуниорските ранг листи во Европа. Секоја чест за Албанија, која што има неколку активни клубови во главниот град и преку нивната активна Федерација успеа годинава да го организираат и одржат Европското првенство во Снукер за аматери. Во Србија е исто така доста популарен Снукерот, па оние кои го следат спортот, знаат и дека тие имаат и свои коментатори кои ги коментираат натпреварите на “Eurosport”. Колку што сум информиран, во Србија, за сега се организирани само локални првенства, но, не би ме чудело од нив да видиме организација на Европско првенство во наредните години, бидејки и тие имаат повеќе клубови и поголем број на играчи. Хрватска е исто така активна, но немам подетални информации за нивните локални активности и активности на Европско ниво.

Финалистите со организаторот на турнирот и сопственик на клубот - Јулијан Петров


Какви се идеите за зголемување на интересот за Снукерот во Р.Македонија, твоите идни планови во однос на Снукерот?

Идеите се веќе во фаза на реализација. Во тек е прием на родители и деца, на кои ќе им вршиме презентација на спортот, како и на школата која што ќе ја предводиме неколкуте тренери, за што претходно спомнав дека сме во фаза на лиценцирање. Како дел од обврската која ни ја зададе Европската Федерација, беше изработка на Снукер прирачник, кој е веќе спремен за издавање и истиот ќе биде презентиран во Гран Клуб на 1-ви Септември. Тоа е воедно и првиот прирачник за Снукер на македонски јазик. Во прирачникот ги нудиме основните дефиниции за Снукерот, основните техники и практични вежби за сите категории, односно ниво-а на играчи, кои ги именувавме според топоними од Македонија. Моите планови во однос на Снукерот се полека и сигурно да освојувам турнири и во останатите држави на Балканот и пошироко, како и да прераснам во квалитетен тренер, со што би можел да создадам квалитетни играчи и од нашето поднебје. Оние кои ме познаваат, знаат дека сум активен во многу области, така што, за сега ќе остане тајна, но во иднина доколку ме поканите повторно на интервју, полека ќе го обелоденам мојот софтверски проект поврзан дирекно со овој спорт. Ви благодарам за поканата и ги повикувам сите заинтересирани да дојдат на промоцијата на “Прирачникот за Снукер” на македонски јазик во Гран Клуб на 1-ви Септември во 20 часот.


Александар Хубанов од Софија и Павле Данилов од Скопје, финалисти на турнирот



Спонзорирани линкови

Маркетинг