Нова историја во Охрид: Ајдарски прв победник на „Олимпискиот“ маратон

Дерби

12/08/2017

15:48

3.123

Големина на фонт

а а а

Венцислав Ајдарски победи во фото финиш на 10-километарската трка во пливање што за прв пат се одржа во Охрид.

Бугарскиот пливач кој има настап на Олимписките игри од самиот старт беше на чело на трката и го диктираше темпото, а единствен кој го следеше беше Холанѓанецот Марсел Шотен, кој настапи на Светското првенство во Унгарија пред еден месец. Третопласиран е македонскиот маратонец Александар Илиевски кој прв пат пливаше на оваа дистанца и тактизираше чекајќи го финишот за да го засили темпото бидејќи идната недела ќе учествува на традиционалниот „Охридски маратон“ со должина од 30 километри. Вкупно имаше десет учесници во ова промотивно издание кое од идната година ќе конкурира да биде домаќин на трка од Светскиот Куп.

Во женска конкуренција имаше само две учеснички поради откажувањето на една пливачка од Холандија, при што победата со мала предност и припадна на Василики Кодоглу од Бугарија, пред Тјаша Возел од Словенија која што настапи на ЛОИ во Лондон и Рио. 

Техничката организација на клубот „Охридски бранови“ беше оценувана од страна на официјален делегат и судиска комисија од ФИНА, а по изразените комплименти на сите инволвирани речиси нема дилеми дека истата ќе биде позитивна и ќе отвори нови перспективи за организација на елитни манифестации во Охрид. 

Бидејќи маратонските трки на 10 километри се дел од олимписката програма, манифестацијата имаше поддршка од Македонскиот олимписки комитет, а неговиот претседател Д-р Васил Тупурковски ги врачи медалите на најдобрите пливачи.



Спонозорирани линкови

Маркетинг