Народно движење за Македонија денеска во Собранието поднесе предлог за разрешување на членовите на ДИК поради нестручно и несовесно вршење на функцијата на изборите на 11 декември 2016 година.
Според Панче Жежовски, член на Извршниот комитет на НДМ, членовите на ДИК на декемвриските избори потврдиле незаконски и неправилни листи на дури 12 политички партии од кои четири настапиле самостојно, а осум партии во три коалиции.
Според анализата на листите од оваа партија, на некои од нив жените не се застапени така како што е предвидено со законот, потоа како подносители на листи во коалиции со партии се појавиле и здруженија што исто така според НДМ е незаконско, а сите листи на албанските партии се поднесени на албански јазик, иако ова е законско само во изборната единица шест.
„Од севкупно наведеното произлегува дека членовите на ДИК немаат доволно познавање на Изборниот законик во врска со процентуалната застапеност и редоследот на кандидатските листи од помалку застапениот пол, за тоа кој може да биде подносител на кандидатска листа, како и за употребата на јазикот и писмото при составувањето на листите на кандидати, што упатува на нивно нестручно и несовесно вршење на функцијата.
Произлегува дека токму тие што треба најдобро да го познаваат Изборниот законик, членовите на ДИК, не го познаваат, заради што дошло до нестручно и несовесно вршење на функцијата на изборите на 11 декември лани со потврдувањето на незаконски и неправилни кандидатски листи, тврдат од оваа партија.