Во компјутерот на Грујовски СЈО нашло упатство за сведоци

Макфакс

17/07/2017

15:28

4.316

Големина на фонт

а а а

Апелацискиот суд отвори расправа за жалбата на Горан Грујовски, поранешен директор на Петтата управа во МВР, кој за разлика од претходните обвинети, не беше присутен и го застапуваа неговите бранители. Додека траеше расправата во Судот дојде Сашо Мијалков, неговиот тогашен претпоставен.

Грујовски е првообвинет за учество во незаконското прислушкување и за уништувањето на опремата, односно за случаите „Таргет“ и „Тврдина“, што се на дневен ред денеска. Конкретно, тој е обвинет за злосторничко здружување, за злоупотреба на службената положба и за фалсификување на службена патна исправа.

Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, во расправата соопшти дека при претресот кај Горан Грујовски е најден нотес со евиденција кој сведок во колку часот влегува во СЈО, од кои обвинители се испрашува и слично. Во одземениот компјутер имало упатство насловено „СЈО“ за тоа како да се однесуваат лицата кои даваат исказ во Специјалното обвинителство. Најдени се и службени белешки, а форензички биле вештачени компјутери на Управата за безбедност и конраразузнување. Таа нагласи исто така дека Грујовски не се појавува на рочиштата во судот и во СЈО бидејќи тврди дека боледува од депресија и анксиозност, што за СЈО не е аргумент кој го ослободува од оваа обврска.


Обвинителот на СЈО, Трајче Пеливанов, се пожали дека секогаш кога оваа институција бара снимки од видеонадзор од УБК, снимки не се обезбедуваат. Инаку, преку снимките СЈО сака да се види дека Грујовски оди на работа.

Против Горан Грујовски има едно обвинение за два предмета што одбраната ги нарекува „тетратка“. Одбраната праша како се појавила т.н. „тетратка“ во весникот „Фокус“, на што Пеливанов одговори дека содржината од нотесот не е објавена никаде. Во нотесот, според него, има информации за следење на обвинителите на СЈО, при што Грујовски пет дена до една недела внесувал вакви податоци, сè додека не е поднесено обвинението.

Одбраната притоа излезе со тврдење дека СЈО може да ја загрози националната безбедност. Артан Ајро од СЈО на тоа реагираше со зборовите дека Грујовски магистрирал на тема надзор на следење на комуникациите, а нема еден таков извештај во УБК.



Спонозорирани линкови

Маркетинг