Ердоган жестоко ја нападна Европската унија: Ќе ја воведам смртната казна без размислување!

Точка

17/07/2017

09:40

3.064

Големина на фонт

а а а

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган синоќа ги зајакна нападите против Европската унија, истанувајќи дека Турција мора да оди по сопствениот пат и вети дека ќе ја врати смртната казна доколку парламентот го одобри тоа.

Ердоган, кој што присуствуваше на свечените комеморации по повод годишнината од смртта на 250-та луѓе кои што настрадаа за време на обидот за државен удар, го обвини Брисел дека има направено голем неред околу повеќедецениските обиди на Турција да стане членка на Европската унија.

Со говорот пред претседателската палата во турскиот главен град Анкара, Ердоган ја заврши маратонската серија од јавно појавување по повод одбележувањето на годишнината од минатогодишниот обид за државен удар во Турција.

„Јасно се гледа позицијата на Европската унија... 54 години поминаа и тие се уште прават неред околу тоа“, изјави Ердоган потенцирајќи го „неуспехот“ на Европската унија да ги одржи своите ветувања - од договорот за безвизниот режим, до договорот за помошта на сириските мигранти.


Ердоган меѓу другото порача дека „без размислување“ ќе ја одобри смртната казна доколку парламентот го изгласа враќањето, а тоа е потег со кој Турција и дефинитивно ќе ги заврши своите обиди за станување на полноправна членка на Европската унија.

„Не гледам што ќе кажат Ханс и Џорџ. Гледам што ќе речат Ахмет, Мехмет, Хасан, Хусеин, Ајсе, Фатма, Хатиџе“, порача Ердоган

Ердоган моментално е најпопуларниот турски политичар, но и тој кој што донесе најмногу поделби во поновата турска историја. Тој себеси се смета за ослободител на побожните милиони Турци кои што со децении биле лишени од своите права поради турската секуларна елита.

После говорот на Ердоган, се огласи претседателот на Европската комисија која што побара од Турција да ги почитува деморатските вредности доколку еден ден сака да влезе во Европската унија.


„Една година после обидот за државен удар, раката на Европа останува подадена“, напиша Жан Клод Јункер во колумната објавена во германски „Билд“, додека преговорите за членство на Турција во Европската Унија веќе неколку години се на мртва точка. Сепак, Јункер порача дека „Турција треба јасно да ја покаже својата подготвеност да биде европска земја и дека навистина Турција се грижи за темелните европски вредности“.

„Унијата на човековите права, слободата на медиумите и правната држава, на пример не е во склад со затворањето на новинарите во изолација која што трае со месеци, без воопшто да биде подигнато обвинение“, додаде претседателот на Европскта комисија, алудирајќи на случајот со германско-турскиот новинар Дениз Јучел кој што беше обвинет од властите од Анкара за тероризам.

Турските власти спроведоа чистка од невидени размери против сите членови на организациите на Фетулах Ѓулен, турски свештеник кој што живее во САД и кој е обвинет од Ердоган дека стои зад организацијата на неуспешниот воен удар минатата година во Турција. Се проценува дека турските власти имаат затворено над 50 илјади луѓе, а од државна служба биле отпуштени над 100 илјади.



Спонозорирани линкови

Маркетинг