Теа Пупкова: Сакам и диско, но и многу деца

Точка

03/07/2017

14:20

7.199

Големина на фонт

а а а

За себе има неколку зборови: Мало, русо, полно идеи, брзо, бесно, хипер, плачка, чокохолик, журкаџика, уметница, Теа Идеа... Тоа е Теа Пупкова (30), артистка која ја освојува уметничката сцена и со оригиналното творештво, но и со прозрачната убавина и бунтовен шарм.

Младата уметница, која минатата недела на 29 јуни, во скопското кафуле "Излет", ја отвори втората самостојна изложба на илустрации насловена "Д викенд афтер". Во себе носи гени од три различни географски предели: Чешка, Грција, Русија и Македонија, кои се преточуваат и во нејзиниот уметнички и креативен израз. Разговорот го водевме во неколкуте нејзини омилени точки во градот, кафулињата каде секој ден го пие утринското кафе, апартманот во центарот на градот каде престојува и Градскиот парк, каде наминува на парче свеж воздух и спокој .


Го чувствувате ли влијанието на генетските оттисоци и на различните географски места каде сте живееле, не само во секојдневието, туку и во ликовниот израз? Раскажете ни ја Вашата родова приказна... Која сте, од каде потекнувате?

Моето семејство е патувачки циркуз. Баба ми потекнува од Грција, од едно многу мало сончево место. Татко ми е од Чешка, за мене најубавата земја во Европа, а дедо ми, на кој наликувам физички и кој е мој херој, е македонец. Најголемиот дел од детството патував. Се селевме од едно место во друго, од земја во земја. Различни култури, навики, различни бои и религии. Среќна сум заради тоа искуство, зашто ме научи подеднакво да ги сакам и почитувам сите луѓе, без разлика на тоа од каде се, какви се и во што веруваат. Така научив да си се сакам себе си, без ограничувања. Да се радувам на сите мали нешта, кои ги имам и поседувам. Да се разбудам со насмевка секое ново утро, зашто е мое и да си се гушнам себе си. Сепак, од сите градови во кои живеев, Прага е мојата љубов, местото каде пораснав и станав жена. Прага носи посебна приказна за мене, и ме инспирира да бидам поголема уметница. Таму научив да творам и создавам нови уметнички хоризонти и да ја канализирам соодветно таа енергија. Но, научив дека секој човек е свој град и секој град е човек. Сега, си го сакам Скопје, каде и живеам.


На 29 јуни во кафе "Излет", беше поставена Вашата изложба на илустрации, автентични и уникатни и според техниката и пристапот... Што откриваат? Некои внатрешни, интимни светови и димензии…?

Изложбата ја подготвував цели две години. Илустрациите се одраз на мојата емотивна состојба, на умот и духот и буквално ме разоткриваат и соголуваат како битие. Во нив е моето ЈАС. Техниката во која работам е комбинација од поинтилизам и акварел, односно туш и водени бои со детаљи од витраж на стакло над секоја илустрација, што дава сосема друга димензија на делото. Не знам дали некој друг уметник тука создава во овој стил, што ми дава посилна желба за нови дела.


Како се чувствувате кога создавате?

Кога цртам сум Јас, не се плашам од ништо. Се чувствувам исполнета. Дишам вистински и сум си доволна сама на себе.


Во тишина творите или со одредена музика?

Музика слушам само кога читам, и тоа е најчесто електронски жанр. А, најмногу сакам кога творам, во позадина да "оди" некој европски филм со необични звуци.


Што друго сакате?

Сакам луѓе. Ме инспирираат. Сакам сончогледи. Балет. Театар. Сакам и диско!

Кои Ви се неостварените желби за кои копнеете?

Немам неостравени желби. Некако сите си наоѓаат начин да се реализираат и случат. Скромна сум. Се радувам на се. Ме исполнуваат малите моменти и драгите пријатели, на кои сум им благодарна што се дел од мојот живот.


Често ноќта ја заменувате со денот... Таа носи посебна вибрација која Ве инспирира? Тогаш работите или пак сакате да се забавувате со пријателите некаде низ градот?

Понекогаш ми пречи денската градска бучава. Сакам мир и не ретко се изолирам од се и секого, и во тие ситуации одам на гости кај баба ми, која живее во една мала скопска населба, каде секогаш е тивко и мирно и храната е највкусна. А, гурман сум и затоа домот на баба ми е совршено прибежиште.

Живеете во центарот на градот... Како го доживувате/живеете Скопје?

Скопје го сакам, ама е тажен град.


Вашиот роковник освен со илустрации е полн и со рецептите на баба... Има таму Руски салати и баклави... Значи го сакате процесот на готвење? Учевте ли токму од баба Ви, која често ја споменувате?

Сакам да готвам и се уште учам многу детали и трикови. Сакам да научам повеќе за македонската кујна, а најголемите знаења ги имам за медитеранската. Моите родители имаа ресторан во Прага, каде и јас бев дел од тимот. Имав ментор кој ме сакаше безусловно и ми ги пренесе сите знаења, кои денес и тоа како ми користат. Секогаш кога ќе ми дојдат пријателите на гости, ги изненадувам со вкусен рецепт.


Ги сфаќате ли грешките како грешки или како искуства кои мора да се поминат за да се научи нешто?

Грешките се создадени за да не научат како не треба и како треба понатаму. Ништо во животот не може да ме одврати и да ме направи несреќна, зашто се е минливо. Ме восхитува желбата да се живее во сиот налет на младоста, да се сака, да се танцува, да се твори и полудува во сета убавина.

Како би се опишале себе си?

Мало, русо, полно идеи, брзо, бесно, хипер, плачка, чокохолик, журкаџика, уметница, Теа Идеа... Бунтовник, и тоа со причина. Секогаш користам се што поседувам, во секоја форма и секогаш кога е тоа потребно и здраво-разумно. Ван Гог 😊


Кои нешта Ви се најважни во животот?

Сакам деца. Но, засега им се радувам на децата на моите пријатели зашто се уште не сум ја пронашла личноста која ќе ме освои. Но, сум сигурна дека во иднина ќе имам многу, многу деца 😊 Мајчинството го сфаќам како и мајка ми Соња, која за мене е жена и кралица. И ако барем малку во односот со моите деца во иднина изградам таква комуникација, како таа со мене, тогаш ќе бидам среќна и исполнета.


Легенди за фотки:

- Кај илустрациите: Делата на Теа се содржани од интензивни бои, одраз на живописноста на нејзиниот темперамент

- Се прифаќам, иако често и си се скарувам сама со себе и не си правам муабет. Но, во суштина, се сакам токму онаква каква што сум: немирна, бучна и своја

- Миленичето Денали е нејзиниот најдобар другар, полн со љубов. За него таа вели: Тој е сонце и месечина. Ми ја топли душата. Во последно време не се гледаме често заради моите обврски со изложбата, но, сега откако ги средив импресиите ветувам јавно дека пак ќе се сакаме.


Пишува: Софија Успенска

Фото: Ивана Дракулевска

Локации: кафе-бар "Горки", "Излет", "Радио Бар" и Градски Парк, Скопје



Спонозорирани линкови

Маркетинг