Зошто се плашиме од големата километража кога купуваме половен автомобил?

Точка

19/06/2017

14:20

17.490

Големина на фонт

а а а

Набавката на половен автомобил во Македонија знае да се претвори во вистински кошмар, а едно од нештата коешто најмногу ги загрижува купувачите е поминатата километража на возилото. Но, до која мера таа грижа е навистина оправдана, одговорот ќе се потрудиме да го најдеме согледувајќи повеќе аспекти.

За голем дел од читателите, насловот на овој текст можеби звучи и помалку смешно. Па, какво е воопшто ова прашање? Секако, од големата километража не се плашиме затоа што сме плашливи, туку бидејќи едноставно знаеме дека автомобилот со текот на возењето се “троши” и колку повеќе километри измине, тој е се' поблиску до својата конечна дестинација – автомобилскиот отпад.

Токму затоа во огласите, во зависност од годината на производството, неретко ги прескокнуваме токму оние за коишто ќе видиме дека имаат поминато на пример, 180.000 километри, а од оние пак кои имаат поминато најмалку 250.000 неретко знаеме и да се ужаснеме. За нив исто така неретко и коментираме дека моторот е пред “ремонт”, а и во којзнае каква состојба се останатите делови. Или кажано со други зборови, за таквите автомобили сметаме дека со сигурност им е “извадена душата”.

Меѓутоа, праксата покажува дека ваквиот пристап често знае да биде и многу погрешен. Проблемот се состои во тоа што многу купувачи се раководат токму според изминатата километража, неретко заборавајќи дека таа во пракса многу често е “лажирана” и дека во пракса може навистина доста да се намали.

Но, треба да бидеме свесни и дека “лажирањето” на километражата и не е карактеристично само за нашата држава, Балканот или југоисточна Европа, туку е веќе еден вид на масовна појава во цела Европа, каде секој сопственик на автомобил за мала сума може да ја “дотера” километражата пред да го понуди автомобилот во огласите. И треба да бидеме свесни дека тоа се прави и во Германија, Франција, Италија, Холандија, Белгија... или кажано со еден збор сите оние држави од кадешто неретко пристигаат половни автомобили во Македонија. Секако, ова не значи дека треба да се впери прстот кон авто-плацевите бидејќи тоа го прават и самите сопственици, а и едноставно треба да се соочиме со реалноста, бидејќи ова претставува еден вид на јавна тајна.


Половните возила се поиздржливи отколку што си мислиме

Можеби автомобилот во период од 15 години ќе промени три сопственици од кои најмалку еден ќе ја “лажира” километражата, па третиот сопственик од поминати веројатно и повеќе од 500.000 километри ќе биде уверен дека неговиот нов “миленик” има изминати само 150.000 километри за потоа потполно да се разочара од тој модел поради одредени технички проблеми коишто секако не ги очекувал со таква километража.

Токму поради ваквите ситуации и понатаму постои заблудата дека е реткост еден автомобил да стигне до половина милион изминати километри. А истиот тој автомобил којшто веќе веројатно изминал толку, можеби ќе биде возен и уште 100.000 километри пред да му биде продаден на нов потенцијален сопственик којшто со сигурност ќе измине уште толку, за на крајот да заврши кај возач којшто ќе биде горд дека неговиот нов “миленик” изминал “само” 250.000 километри и како одлично се држи за таа километража, или пак можеби ќе го проколнува денот кога го купил.

Стари vs. нови возила

Поради масовното “лажирање” на километражата, главно сме во заблуда дека автомобилот после 200.000 или 300.000 изминати километри е веќе “мртов” што се совпаѓа со реалниот “рок на траење” на автомобилите од 70-те или 80-те, па дури и 90-те години на минатиот век.

Меѓутоа, фактите велат дека современите денешни автомобили имаат неспоредливо подобра антикорозивна заштита, а моторите без проблем изминуваат и 400.000 километри, па дури и повеќе без генерални поправки. Или кажано поедноставно, современите автомобили претставуваат многу покомплексни машини со многу пософистицирани елементи од кои некои се изложени на многу големи оптеретувања.

Дали воопшто вреди да се купи половен автомобил?

Главниот аргумент за да се даде позитивен одговор на ова прашање е тоа што овие автомобили се неспоредливо многу поевтини од новите автомобили купени во салон, а коишто веројатно повеќето од нас и никогаш не би можеле да си ги дозволиме, дури и ако сепак нашиот избор би бил купување на нов автомобил. Секако, половниот автомобил во секој случај е до одредена мера “застарен”, ентериерот во ниту еден случај нема да биде како нов, гаранцијата уште одамна нема веќе да важи и ќе постои поголем ризик од појава на технички проблеми, а од кои веројатно најмногу не' плашат оние најскапите.

Одредени поправки секако ќе мора да бидат направени, вклучувајќи ги тука и оние најскапите. Но, скапите поправки се токму оние коишто ја соборуваат цената на половните возила. Затоа, треба добро да се провери состојбата на половното возило и да се процени што се би можело да се расипе во следните неколку години и врз основа на тоа да се донесе конечната одлука околу купувањето. Сепак, никој не може со целосна сигурност да процени што ќе се расипе во следните година или две, или пак колку таа проценка би била точна.


Меѓутоа, сето тоа може да се случи и кај новите автомобили. А истото важи и кај нив – треба да се употребува квалитетно моторно масло, редовно менување на маслата и редовно одржување на моторот во исправна состојба, што значи долго возење на автомобилот без ремонти или поголеми технички проблеми. А сето тоа значи дека изминатата километража не е пресуден фактор за да се оцени состојбата на едно возило или да се процени уште колку ќе може истото да се употребува пред да биде подготвено за испорака во некој автомобилски отпад.

Дали проблемот лежи само во изминатата километража?

Кратко и јасно – не. А тоа е така затоа што ако автомобилот, на пример, се вози во Германија, тој ќе биде главно возен на автопат, без ударни дупки, ќе биде редовно сервисиран во овластен сервис, поправан исклучиво со оригинални резервни делови а ќе користи и квалитетно гориво. Ако пак сопственикот е невнимателен, не внимава на дупките на патот, не го менува редовно маслото, ниту филтрите, не внимава на квалитетот на горивото, вградува најевтини или половни делови, тогаш истата измината километража секако не резултира во автомобил со слична состојба.

Што може да се заклучи?

Од сето ова може да се заклучи дека при купувањето на половен автомобил не треба да бидете фокусирани само на изминатата километража и годиштето, што за многумина е фактор број 1, бидејќи може да купите автомобил и со уште поголема километража, но претходно “лажирана”. Многу поважно од тоа е внимателно да испитате во каква состојба е навистина возилото.




Спонзорирани линкови

Маркетинг