Американскиот министер за одбрана Џејмс Матис предупреди дека Талибанците напредуваат во Авганистан, а поради тоа американската администрација разгледува нова стратегија за таа земја.
„Сега не победуваме во Авганистан. Тоа ќе го исправиме што е можно поскоро“, изјави првиот човек на Пентагон во обраќањето пред американскиот Конгрес.
Џејмс Матис призна дека Талибанците биле успешни во текот на минатата година и дека ќе се обидат истото да го сторат и оваа година: „Во овој момент мислам дека непријателот напредува“, порача американскиот министер за одбрана.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп мора да го разгледа јакнењето на воените сили во Авганистан, а тоа го побара и командантот на американските сили и силите на НАТО Алијансата на терен, Џон Николсон.
Моментално во Авганистан се наоѓаат околу 8,400 американски војници со вкупно 5 илјади сојузнички војници од НАТО Алијансата. Матис изјави дека американските војници кои што моментално имаат советодавна улога, би можеле да им помогнат на авганистанските сили да напредуваат, доколку им биде дозволено да се приближат до конфликтите.
Тој додаде дека на Американците би можела да им биде дозволена поголема воздушна поддршка и поголема поддршка за авганистанските сили.
Талибанците во Авганистан моментално се во голем налет и нивното влијание во оваа земја значително се зголемува. Тие во последниов период се во офанзива и превзедоа одговорност за низа на напади, посебно на коалициските воени бази и позициите на авганистанската армија.