Премиерот на Србија во заминување, Александар Вучиќ, изјавил дека е срамно што во Македонија им дале транскрипти од прислушувани разговори од лидерот на српската партија, дипломати од српската амбасада и новинари од Белград, и дека не верува дека тие го направиле тоа, туку една западна служба.
Вучиќ во "прошталниот" настап како премиер, на телевизија "Pink", се запрашал кои се тие медиуми кои објавуваат прислушувани разговори и порачал дека во Србија немало такви работи додека тој бил на чело на Владата.
"Во Србија се прислушувани разговори и во медиумите не биле објавувани во минатите години, барем не оние по 2012. година. Секако дека ги има, во склад со законот, но не во медиумите. Одговорни држави се однесуваат на одговорен начин", истакнал Вучиќ.

Вучиќ рекол дека на изборите за претседател на Србија се кандидирал и победил за "да го спречи враќањето во минатото", што сакале да направат "оние кои ја уништувале таа земја".
Премиерот нагласил дека од странство постоеле големи притисоци и вложени биле многу пари да се урне неговата Влада, но за тоа да се обелодени е "потребна одредена историска дистанца".

Вучиќ рекол дека "од службите" му јавиле дека опозицијата за време на неговата претседателска инаугурација во среда подготвува "контра-митинг" на кој сакаат некого да тепаат, но дека тоа нема да се случи.
Тој рекол дека Српската напредна партија уредно најавила и пријавила собир пред Собранието на Србија за време на неговата инаугурација.

Потсетуваме, КРИК на основа на наводни транскрипти од телефонски разговори, објавил дека службеникот на БИА во Македонија, Горан Живаљевиќ, во проруски и други пропагандни активности, соработувал со претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и пратеникот во Собранието, Иван Стоилковиќ и новинарот и пратеник во Србија Мирослав Лазански.











