Трезористот Бобан се согласил да биде осуден, но по никоја цена не кажува каде се парите

Точка

23/05/2017

12:46

12.237

Големина на фонт

а а а

Бобан С. (40) кој работеше како трезорист во НЛБ банка и е првоосомничен за милионската кражба од оваа банка побарал да се спогоди со Обвинителството и со признание на вина да добие помала казна, но не кажува каде се парите.

Според извори во истрагата, во овој, но и во неодамна објавениот случај на криминал, во кој за перење пари се осомничени директори, поранешен министер и други лица, од банката исчезнале 17 милиони евра. Иако никој не потврдува, се претпоставува дека двата случаи се поврзани, пишува "Дневник".

Бранителот на Бобан, адвокатот Љупчо Шврговски веќе контактирал со Обвинителството околу предлогот на осомничениот, а од Основното јавно обвинителството ниту ја потврдија ниту ја демантираа информацијата.

Бобан С., кој е во триесетдневен притвор во затворот во Шутка, се согласил да биде осуден, но не и да каже каде се украдените 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра, а за која кражба дополнително беа осомничени неговиот брат Горан С.(44), неговиот пријател Борис М.(38) од Скопје како и Е.П.(24), вработена како банкарски комерцијалист во НЛБ. Нема информации дали и тие како и Бобан С. за кој се смета дека ја осмислил кражбата, побарале да се спогодат со обвинителството. Во притвор се Горан С. и Б.М., а осомничената службеничка и натаму е во куќен притвор.

Дневник пред 10 дена побарале одговор од Обвинителството на прашањето дали за кражбата на 3 милиони евра од трезорот на НЛБ е откриено каде се украдените пари, односно дали е побарана помош и информации од надлежните институции од други држави - на што тие одговориле со "Истрагата за кражбата продолжува. Основното јавно обвинителсвто ги презема потребните дејствија за расветлување на настанот. Јавноста ќе биде известена за деталите кога ќе се создадат услови во согласност текот на постапката"...


Тоа што е познато за овој случај е дека за обвинителството постојат сознанија оти во периодот од 2006 до 2017 година осомничените основале фирми, подигале кредити кои биле заверувани кај една позната скопска нотарка, а потоа со помош на неколкумина адвокати, кои биле советници на директорот и министерот, парите биле префрлани во Словенија и во неколку австриски фирми. Откако парите ќе легнеле на странските сметки, дел од нив повторно бил враќан во државава и се купувале недвижни имоти на подрачјето на Битола. За разлика од оскудните информации за дејствување на оваа група, полицијата за првата кражба излезе со детали од истрагата. Трезористот во три наврати од 4 до 10 април од трезорот на различни начини зел 3 милиони евра, по што на 11 април, Борис М. со автомобил „голф“ ги пренел парите во Србија, но не е познато дали таму останал или продолжил кон некоја друга држава. Тој бил уапсен седум дена подоцна на граничниот премин Табановце кога се вратил во земјава.

Од НЛБ демантираат дека се украдени 17 милиони евра

"Апсолутно е неточна информацијата. Што и да се случува со нашата институција, целосно, транспарентно и професионално ќе ја информираме јавноста како и досега", рекоа од НЛБ.

Според Обвинителството, Бобан С. се товари за кривично дело затајување по член 239, како и за продолжено кривично дело по член 45 од Kривичниот законик за кои се предвидени повеќегодишни казни затвор.

"Тој што противправно за себе или за друг ќе присвои туѓ подвижен предмет што му е доверен, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Ако делото го стори старател или лице на кое од правното лице предметите му се доверени во врска со неговата работа, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години" – предвидуваат ставовите 1 и 3 од членот 239, пишува Дневник.