Ердоган ја нападна Европската унија: Зарем треба Турција да продолжи да проси и да ве моли?

Точка

19/05/2017

09:30

3.600

Големина на фонт

а а а

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган уште еднаш ја нападна Европската унија, тврдејќи дека Унијата ја приморала Турција да клекне пред неа и да ја моли за да стане нејзина членка.

„Зарем треба да продолжиме да просиме и да молиме да не примат?“, запраша турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Тој на еден собир во Истанбул порача дека Турција бара да стане членка на Европската унија веќе 54 години, додека во меѓувреме голем број на земји кои што подоцна од Турција поднеле барање за членство веќе станале членки на Унијата.

Ердоган го критикуваше зголемувањето на бројот на поглавја кои што се неопходни за време на преговорите за пристапување на Турција во Европската унија.


Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу во текот на вчерашниот ден изјави дека „нема да ја моли“ Германија да остане во турската воена база Инџирлик. Тензиите помеѓу Западот и Анкара растат, а во меѓувреме Германците пред два дена ја осудија Турција откако турските власти им забранија на германските пратеници да ги посетат војниците кои што се стационирани во турската база.

Турските власти наведоа дека забраната е „последица на одлуката на Берлин да им одобри азил на турските војници“ кои беа обвинети за учествување во минатогодишниот обид за воен удар во Турција.


Односите помеѓу Турција и Европската Унија се влошија во текот на последните неколку месеци, а сето тоа ескалираше кога германските и холандските власти им забранија на турските министри и пратеници да учествуваат на собирите за поддршка на референдумот во нивните земји.

Ердоган возврати и порача дека тоа е слична пракса на нацистите, додека во меѓувреме Германија им даде азил на наводните пучисти. Исто така, вреди да се спомене дека германско-турските односи значително беа нарушени откако Германија и официјално го призна геноцидот врз Ерменците.



Спонозорирани линкови

Маркетинг