Дачиќ за големата закана за мирот: Целта им е голема Албанија, го придодадоа Ниш, утре ќе сакаат и Скопје, Улцин, Епир

Точка

21/04/2017

12:33

3.480

Големина на фонт

а а а

Првиот потпретседател на Владата на Србија и шеф на дипломатијата, Ивица Дачиќ, денес изјавил, реагирајќи на изјавите на албанските политичари за обединување на делови од Србија со Албанија, дека тие политичари стануваат главна закана за мирот и стабилноста на Балканот и Европа.

"Албанците би требало добро да ги одмеруваат своите зборови, бидејќи на меѓународната сцена повеќе ги нема нивните заштитници кои ја бомбардираа Србија за да го отцепат Косово. Тоа повеќе никогаш нема да се повтори", порачал Дачиќ. 

"Координираните изјави на Рама, Тачи и Муслију покажуваат дека Голема Албанија е цел на сите Албанци. Денес Муслиу на тоа го додал и Ниш, утре ќе ги додаде и Скопје, Улцињ, Епир", додал Дачиќ, стои во соопштението на српското МНР. 


Како што вели, Србија не провоцира никого, но и од никој не се плаши. 

Воедно, тој се прашал дали ЕУ, САД и Велика Британија ќе проговорат на оваа тема. 


"Ако не го направат тоа и овој пат, кога Голема Албанија дојде до Ниш, ќе бидат директно одговорни за последиците", предупредува тој. 

Дачиќ вели дека тоа за што зборуваат албанските политичари, за среќа, е пуст сон. 


"За среќа, сето ова е само пуст сон. Но, искуството не учи колку е краток патот од сон до кошмар", заклучил Дачиќ. 

Претседателот на Општина Бујановац, Јонуз Муслију, вчера изјавил дека официјална Тирана има целосна поддршка за "обединување на Албанија и Косово", ако изостане нивната европска перспектива, но не без Прешево. 


Муслију во изјавата за агенцијата Прешево Јон рекол дека ги поддржува изјавите на албанскиот премиер Еди Рама и косовскиот претседател Хашим Тачи за унија на Албанија и Косово, но смета дека "без Ниш нема Голема Албанија". 

Тачи Вчера изјавил за Радио Слободна Европа дека доколку ЕУ ја затвори вратата за Косово, "сите Албанци од регионот ќе живеат во единствена држава за да се продолжи со понатамошната интеграција во европското семејство". 

Премиерот на Албанија, Еди Рама, неодамна изјавил дека доколку европската перспектива за Западен Балкан избледи, можно е да дојде до обединување на Косово и Албанија. 



Спонозорирани линкови

Маркетинг