Тој рече дека платформата предвидува постигнување економска рамноправност и општествената благосостојба, особено преку рамномерен регионален развој.
"За да ги отстраниме дилемите околу заедничката Декларација на албанските политички партии, јас сум принуден да ја прочитам Декларацијата која е потпишана од албанските политички партии. Ова е програма и платформа на албанските политички партии", изјави пратеникот на ДУИ, Ејуп Халими од собраниската говорница. Тој во име на новото парламентарно мнозинство ја изнесе Тиранската платформа на собраниска говорница.
"Првата точка е постигнување целосна рамноправност во согласност со Охридскиот Договор и Уставот" - започнал.
"Правилно спроведување на принципот на мултиетничноста во Уставот на Република Македонија, каде Албанците се сметаат како државотворна нација, поддржување секаква правна и уставна иницијатива која јa зајакнува националната рамноправност за албанското население. Постигнување целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик на сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право. Уставот на Република Македонија треба да утврди дека "македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија". Сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб на Република Македонија, со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност. Усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот од 1912 до 1956 година", вели Халими.
Додал и дека платформата предвидува постигнување економска рамноправност и општествената благосостојба преку рамномерен регионален развој
.
"Создавање на нов механизам, во форма на една државна комисија за финансирање на општините, за донесување одлуки со право за владини грантови во корист на општините. Создавање министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, како надлежен орган за почитување на правата на заедниците и поттикнување на економскиот и социјалниот развој во неразвиените подрачја. Остварување правична застапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата. Остварување правична застапеност во сите нивоа на централната власт, како и во јавните служби или претпријатија со јавни акции".
Pотенцирал и дека платофрмата предвидува целосно расчистување на прашањата и судските постапки како „Сопот”, „Бродец”, „Монструм” и „Куманово”.
"Зајакнување на владеењето на правото, како предуслов за напредок на евроатлантскиот интегративен процес. Спроведувањето на реформите во согласност со Договорот во Скопје, Препораките на Прибе, итните препораки на Европската комисија како и Препораките од Пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ. Поддршка за непристрасно вршење на работата на Специјалниот обвинител, без етнички и политички предрасуди. Целосно расчистување на прашањата и судските постапки како „Сопот”, „Бродец”, „Монструм” и „Куманово” преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган" ..
По ова Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ побара распуштање на Парламентот и предвремени парламентарни избори.













